Охридска софра 2019: Ѓомлезе во главната улога

Велат, кој не пробал oхридско ѓомлезе под сач, не знае што пропуштил! Во сабота, 27 јули, во живописното село Скребатно во близина на Охрид, по седми пат ќе се одржи традиционалната манифестација „Охридска софра“, а ѓомлезето како најомилен деликатес од овој крај, ќе биде „ѕвезда“ на настанот.

0
99

Во сабота, 27 јули, во живописното село Скребатно во близина на Охрид, по седми пат ќе се одржи традиционалната манифестација „Охридска софра 2019“, а ѓомлезето како најомилен деликатес од овој крај, ќе биде „ѕвездата“ на настанот.

Како што е познато, ѓомлезе, ѓомлезец, тури-потпечи или кашаник е македонско традиционално јадење, симбол на кулинарството во Охрид и Струга, а сите присутни ќе можат да гледаат како се приготвува, а потоа и да го дегустираат. Велат, кој не пробал oхридско ѓомлезе под сач, не знае што пропуштил!

Ова е вистинска прилика да се надомести пропуштеното, и бидејќи специјалитетот се подготвува неколку часа, веќе од 8 ч. наутро ќе се палат ѓомлезарски огнови а многубројните натпреварувачи ќе бидат на својата позиција уште од самиот старт.

Официјалниот почеток на манифестацијата е 10 часот и истата, декларирана како најомилена во локалните рамки претставува извонредна можност за промоцијата на алтернативниот туризам во охридскиот регион, како и потсетување на она што значи традиционална софра.

Во текот на неколкучасовната програма, готвачите од Гастромак ќе имаат специјално кулинарско шоу, а специјалната жири комисија ќе го пробува и оценува подготвеното ѓомлезе. Најдобриот ќе го каже рецептот за овој специјалитет.