Органската храна не е секогаш органска

Во Холандија стотици производи се во продажба како органски, иако воопшто не се такви, покажало истражувањето кое го спровеле новинарите на холандската телевизија RTL вести.

0
100

За да може производот да ја носи ознаката „органски производ“, производителите мораат да се придржуваат до низа правила кои се однесуваат на доброто на животните, употребата на лекови на фармите, како и зачувување на животното опкружување.

Повеќе од две стотини холандски органски земјоделски производители не ги задоволуваат пропишаните стандарди.

Анализата на повеќе од 1.500 извештаи кои после инспекцијата ги направила независната организација „Skal“, која се занимава со контрола на органското производство во Холандија, покажала дека секој десети производител на органска храна во Холандија не се придржува до пропишаните правила.

Кога ќе се увиди прекршокот, производителот се казнува парично, после што може да продолжи со производството и продажбата на органски производи, иако начинот и условите на производство не се сменети.

„Тоа всушност значи дека на пазарот се пласираат производи кои носат ознака „органски производ“, иако не ги задоволуваат стандардите кои ги пропишала Европската унија. Ова отстапување од стандардите пропишани за органските производи нема последици по здравјето на потрошувачите, но секако има последици по паричниците на купувачите, како и по имиџот на органските производи“, објаснува стручњакот за исхрана, Хертјан Шафсма за RTL вести.

Заради пропишаните барања врзани за здравјето и безбедноста на органските производи, купувачите во супермаркетите  мораат да издвојат повеќе пари за органските отколку за неорганските производи.

Засега на јавноста ѝ е непознато за кои производители и производи кои не ги исполнуваат овие барања, станува збор.

Во извештаите кои на барање на новинарите на RTL ги доставила организацијата „Skal“, сите имиња се затемнети.

Фото: Pixabey