Оригинални послужавници мејд ин Дихово

Освен што туристите кои доаѓаат во Вила Дихово можат да уживаат во прекрасната градина на чист воздух, можат да видат и безброј нови и креативни идеи како што е на пример овој послужавник со ѕвонче за велосипед

0
190

Селото Дихово е распослано од десната страна на реката Драгор, во самото подножје на планинскиот масив Баба, над градот Битола, со прекрасен поглед на градот, Пелагонија и Пелистер. Станува збор за средено село, со убави куќи и градини, чија убавина ја препознаваат и многу странски туристи благодарение на сопственикот на Вила Дихово. Пеце Цветковски прв ја почна оваа приказна која во селото донесе многу туристи, а истото го стави на картата на најубавите скриени туристички дестинации во Европа. Летово ја посетивме и ви ги пренесуваме нашите импресии од двата часа што ги поминавме таму.

Прво, природата е прекрасна, воздухот чист, а градината и околината беспрекорно чисти и средени. Второ, тука на гостите не им нудат ништо од она што можат да го најдат во рестораните на Мишелин, но затоа пак за појадок ќе добијат домашен џем од малини, капинки, свежо сирење, месено лепче, планински чаеви набрани на надморска висина од 2.000 метра, а за ручек салати од свеж домашен зеленчук и традиционални македонски јадења како: сарма од лозов лист, полнети пиперки, зелници со коприва, киселец, блитва. Тука, во преубавата пространа кујна во која сите елементи се изработени од дрво, домаќините организираат и часови по готвење, па гостите можат и самите да си ја подготват храната, а оние кои сепак преферираат да бидат услужени, можат да мрзелуваат во зелената градина и да ги повикаат со ѕвончето поставено на дрвениот послужавник изработен од вредните раце на домаќините. Од пијалоци се служат вино, ракија и пиво, сите произведени тука.

Кога ќе ги видите фотографиите ќе сфатите дека она што го нудат во Вила Дихово е толку примамливо за странските туристи токму поради тоа што е едноставно, но и креативно, или како што велат домаќините: нема голема филозофија, природата е прекрасна, воздухот чист, а се друго треба да биде само чисто, едноставно и практично. Или како што овде велат, пречекај го гостинот онака како што сакаш да бидеш пречекан и ти некаде.

Во вилата околу 90 отсто од гостите се од странство и нивниот број секоја година се зголемува. Имале посетители од Аргентина, Холандија, Бразил, Мексико, Јужна Кореја, Јапонија, САД, Канада, Исланд, Шкотска, Германија…, а престојувале и екипи на National Geographic, BBC, CNN, Lonely Planet, Yahoo Travel.

Драгица Христова

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

sixteen + 13 =