Пиво по мерка

Во Македонија малку луѓе се занимаваат со производство на домашно пиво, но веќе има места кадешто можат да се пробаат некои нови и поинакви вкусови од индустриските.

0
208

Пивото не е најстар алкохолен пијалок, го нема гламурот на некои други производи какви што се например, виното или вискито, но има нешто специфично и исклучително. Има атрибут на еден од најраспространетите и најомилени пијалоци.

Денеска под поимот пиво се подразбираат голем број различни производи кои меѓусебно се разликуваат и по боја и по вкус и по содржината на алкохол. Во светот постојат многу крафт пивари и луѓе кои успеале да направат најразлични вкусови и од правењето домашно пиво како хоби, да направат и добар бизнис. На пример, Американецот Кен Гросман, успеал од аматерска домашна пиварница да направи пивска империја и да заработи милијарди. Тој почнал да го флашира својот Pale Ale во 1980 година. Денес неговата Sierra Nevada Brewing Company е третиот најголем производител на крафт пиво во САД и седмиот по големина на пазарот во земјата, пишува CNN Money.
За овие 37 години Гросман собрал богатство, пресметано на 1,1 милијарди долари.
Минатата година тие успеале да произведат околу 200 различни видови пиво, а нивната продажба се зголемила за 17,2%. Се уште Pale Ale останува најпопуларниот нивни производ, и од него доаѓаат половина од приходите.
Популарноста на крафт пивото генерално, во светски рамки, се должи и на неговата зголемена хранлива и гастрономска вредност со оглед на тоа што е пиво без адитиви, нефилтрирано и непастеризирано. Освен тоа, ова занаетчиско пиво претставува производ зад кој стојат луѓе со име и со презиме.
Пред неколку години компанијата WilliamsWarn од Нов Зеланд ја промовираше т.н. домашна пивара со која можете да направите пиво со комерцијален квалитет и тоа за само 7 дена.
Компанијата тврди дека со оваа машина се решени голем број на предизвици поврзани со производството на домашно пиво како што се карбонизацијата, контролата на температурата и чистината, односно јаснотијата на пивото. Машината вклучува неколку делови кои ги решаваат сите овие проблеми, а освен тоа има и дел за точење на пивото кој ви дозволува веднаш да си наполните кригла изладено пиво.
Се што треба корисниците да направат е да потрошат околу 90 минути за чистење и стерилизација на системот и за додавање на потребните состојки. Седум дена потоа, можат да уживаат во 23 литри свежо и домашно пиво. Цената на машината за правење на домашно пиво е околу 4,5 илјади долари.
BrewDog, една од најпознатите алтернативни пивари која се наоѓа во Шкотска неодамна одлучи да ги обзнани рецептите од сите нивни пива и со тоа да им даде можност на оние кои произведуваат домашно пиво да можат да си ги направат нивните брендови, но и да ги подобрат рецептите. Книгата која содржи 215 пива но и некои интересни трикови за домашно производство можете да ја симнете на следниов линк во pdf формат.
Двајцата сопственици, Џејмс Ват и Мартин Дики изјавуваат дека ова е начин да им се оддолжат на сите свои фанови кои на различни начини ја помaгаа пиварницата која започна со работа во 2005 година само со нив двајца, а сега брои над 540 вработени, 44 барови и производство на 134.000 хектолитри пиво.

Во Македонија малку луѓе се занимаваат со производство на домашно пиво.
До пред некое време во Скопје постоеше продавницата „Бир шоп“ во која се продаваа исклучиво странски пива што ги немаше во ниту еден ресторан или маркет. Сопственикот на оваа продавница Маријан Костадиновски, е еден од неколкутемина во Македонија што се занимаваат со производство на пиво во домашни услови, но засега, некомерцијално, и со мали количини за своја употреба.

Прва и во моментов единствена крафт пивара кај нас е пиварата Темов која се занимава со производство на пиво по традиционални светски пивски рецепти, а она најдоброто е што истите можете да ги дегустирате нарачувајќи го сетот од шест пива кои ќе ви ги понудат како првична информација за нивното производтсво. Сетот чини 520 дена и содржи шест вида пиво.

Дека вкусовите знаат да бидат многу различни зборува тоа што нашата екипа не успеа да се договори за едно кое со консензус ќе биде изгласано за најдобро туку секој имаше свој фаворит. Инаку, тие во моментов произведуваат повеќе од 16 видови пива.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here