Пивска револуција во Кинотека на Македонија

0
219

Во простор на кој владеат големите корпорации и литариполските пластични шишиња, тивко, малку по малку, почнаа да се појавуваат и малите, т.н. „крафт“ пивари, кои се трудат квалитетот да биде пред квантитетот, па произведуваат мали количини на пиво, со посебен мирис и вкус.

И додека во Словенија, Србија и во Хрватска „крафт“ пиварите се тренд веќе подолг период, па се добива впечаток, на пример, кога сте во Словенија, како секоја трета куќа да си прави свое крафт пиво, кај нас пивската револуција почна со задоцнување, но одекна силно, особено завчера, на вториот Пивски салон на занаетчиско пиво кој се одржа во Кинотека на Македонија.

Револуцијата почна со „Темов“, пред неполни десет години, кога се отвори првата крафт пивара во Македонија и ни понуди нешто сосема ново – 16 различни видови пива, со најразлични состојки и вкусови, без конзерванси, пастеризатори, вештачки бои и ароми.

Ако прашате кое е најдобро, веројатно ќе добиете одговор дека е тоа лична категорија и дека е тешко и субјективно некој пивски стил или пиво да се прогласат за најдобри.

По „Темов“ се појавија и други домашни производители на занаетчиски пива, многу помали, но со иста количина на ентузијазам и љубов.

Голем собир на сите овие „пивољупци“ се одржа во саботата (22. декември) во просториите на Кинотека на Македонија. На овој Втор Пивски салон кој доби поддршка од крафт пиварата Темов, како и од бутик пиварата Староградско и свежо точено Наше Македонско, се претставија 15 домашни производители кои гордо ги споделија со присутните своите домашни пива со етикети какви што сигурно никогаш нема да видиме на амбалажата на индустриските пива.

Она во што се уверивме и самите, е дека крафт пиварството е пред сѐ, движење на пивољупци чија желба е да направат што подобри и поквалитетни пива.

Па така, додека индустриските пива се сведуваат, во повеќето случаи, на „Лагер“ пива, односно пива со долно вриење, во крафт пиварите се трудат да направат што повеќе различни стилови пива, со различно потекло, вкус, мирис, боја…Еден куп различни рецепти на репертоарот и исто толку креативни етикети. Еден сосема поинаков поглед на пивото.

Настанот беше организиран од Марјан Костадиновски и Александар Матевски, производители на занаетчиско пиво, како и од порталот „Сакам пиво“, чиј сопственик е Костадиновски, а беше поддржан и од Слоу фуд Македонија. Организаторите ветуваат серијал на настани кои планираат да ги реализираат во иднина.