Погодете кого сретнавме на хварската рива?

Еј, Дејан?! Со насмевка на лицето во бела маица на која пишува: Chief cook Dejan-ABORDA jachting, во пресрет ни доаѓаше нашиот млад готвач Дејан Карапеев. Кажете потоа дека светот не е мал!

0
826

Тукушто одморени по долгиот пат (чиниш си патувал до крајот од светот, а не само од Скопје до Сплит, а потоа до Хвар… но тоа е материјал за друга приказна), кога шетајќи по хварската рива го здогледавме како со насмевка на лицето ни приоѓа Дејан Карапеев.

Дваесет и деветгодишниот македонски шеф се шеткаше по ривата додека бродот на кој тој готви веќе седум години – Аборда јахтинг, е прикотвен во еден мал залив во близината.

Нашиот Дејан, скромен, а светски, е причината поради која агенциите со кои соработува „Аборда јахтинг“, кога гостите се интересираат за патување на кое ќе можат да доживеат и вистинско гастрономско уживање, го препорачуваат токму бродот на кој готви македонскиот шеф.

Инаку, „Аборда јахтинг“ е една од најлуксузните јахти што пловат по хрватските острови. Станува збор за приватен брод за најмногу 14 гости, со персонал од пет луѓе, меѓу кои и тој – шеф Дејан.

Освен што е вистински македонски амбасадор бидејќи на своите патувања со бродот, готви, разговара и се дружи со голем број гости од целиот свет, Дејан му ги презентираше на регионот и најубавите македонски традиционални јадења на регионалниот кулинарски ТВ канал – Kitchen TV.

Неговите гости на бродот пак, се претежно од Америка, од Јужна Африка, од Шпанија, Германија, Франција, Италија, па и богати Кинези и многу други знајни и незнајни луѓе, за кои тие 7 дена на бродот се вистинска магија благодарение и на приказната која готвејќи пред нив им ја „продава“ Дејан.

„На почетокот, кога почнав да работам на бродот, бев срамежлив и не излегував многу помеѓу гостите, но во меѓувреме се опуштив и сега готвам пред нив, правејќи ја приказната уште помагична.

Но затоа и гостите знаат да возврат. На пример, неодамна имавме гости од Швајцарија, всушност, Италијани кои живеат во Швајцарија, а меѓу нив, сопственикот на една од петте фабрики во светот кој го имаат рецептот за базата на Кока-кола. Тој и неговите сопатници ни најавија дека доаѓаат на бродот за шетање и особено за гастрономско уживање. Со себе носеа куфери полни со храна – италијански сирења и италијански вина, маслинки, и разно-разни италијански деликатеси. Од нив научив и некои нови рецепти. На пример, тие ми кажуваа како, а јас им направив маслинки маринирани со крупна морска сол, оригано, чили и маслиново масло, потпечени 10 минути во рерна, отстоени еден ден и неверојатно вкусни. Бидејќи беа дојдени за да ја вкусат најдобрата храна, пет вечери им готвев јас, а две вечеравме сите заедно во ресторанот „360“ во Дубровник кој има една Мишелинова ѕвезда, а потоа и во ресторанот „Гастро Маре“, во Кобаж кој има препорака за Мишелинова ѕвезда“, ни раскажуваше за своите нови доживувања Дејан додека го пиевме нашето прво „хварско“ кафе.

За раскажување има многу, но тој веќе требаше да се качи на глисерот што го врати на бродот. Следното кафе, се надеваме, ќе имаме можност да го испиеме токму таму – на бродот.