Полјак вљубен во Хрватка и во Пелинковец организира Пелинковец-фестивал во Стари Град

Пред три години Полјакот Миша Левицки дошол во Сплит, пробал Пелинковец и се вљубил во вкусот на овој пијалок од пелин кој во неговата земја не е легален, се вљубил и во Хрватката Ана Вучетиќ, и останал.

0
417

„Кога дојдов во Сплит пред три години, работев како коктел-мајстор во еден тамошен ресторан и по завршувањето на сезоната сфатив дека сакам да останам во Хрватска, поточно во Стари Град, на Хвар, и да отворам своја фирма. Со мојот помлад брат Лукаш, кој е исто така коктел-мајстор, преку зима одевме во Лондон за да заработиме пари кои ќе ги инвестираме тука. Инаку, сме работеле кај познати коктел мајстори во Лондон, а претходно и на Ибица, кадешто се учевме од најпознатите коктел мајстори, како и од нашиот коктел-гуру легендарниот бармен Крис Едвардс, кој е исто така една од причините за нашето доаѓање во Стари Град. Имено, тој веќе неколку години е натурализиран жител на Стари Град и го држи хотелот Hidden House.

Крис кој е инаку од Лондон, го запознав на Ибица, кадешто тој го држеше својот Hidden bar и почнав да работам за нив.

Кога рекоа дека одат за Хвар, им реков, во ред, вие одите за Хвар, одам и јас. И така почна сѐ. Со мојот брат Лукаш дојдовме тука, се запознав со мојата девојка Ана и сега живееме заедно во Стари Град. На почеток работевме само приватни ивенти, забави, а сега го отвараме и нашиот бар-Бон Вивант“, раскажува на својот симпатичен полски дијалект, но сепак, на одличен хрватски, овој млад амбициозен човек кој не само што ужива во својата работа, туку и одлично ја работи.

Миша Левицки со трите видови Пелинковец од Бадел

И покрај хрватската бирократија, тој минатата година, токму поради тоа што доаѓа од место како Ибица, наместо во градот Хвар кој важи за хрватска Ибица, се вљубил во ова мало место кое е чиста спротивност на градот Хвар.

Во Стари Град минатата година успеал да го организира првиот мини островски коктел фестивал, кој во август ќе го има и своето второ издание. Синоќа пак (27.јуни), го организираше и Првиот интернационален фестивал на Пелинковец, со поддршка на Туристичката заедница на Стари Град и општината Стари Град, кој се одржа на малечкиот градски плоштад Шкор.

Иако вакво нешто се организира првпат, фестивалот го препознале домашните, односно, хрватските производители на Пелинковец „Бадел“ (со три бренда на пелинковец – Gorki, Orange и Antik) и „Далмација вино“, како и Златниот пелин на Кока кола, a со своите горчливо-слатки кандидати, свој придонес дадоа и Мараска, Дарна, Перковиќ ракија, Натура Антуновиќ и Дегенија Велебит.

Целта на овој фестивал, вели Миша, е подигање на свеста за квалитетот на Пелинковецот како еден посебен  и за ова поднебје типичен производ, но и квалитетен додаток, како во класичните, така и во модерните коктели.

На настанот можеше да се испробаат сите 10 изложени видови Пелинковец, а мој фаворит, дефинитивно, беа Оранж и Антик на Бадел.

Иако досега пелинот поради својата фамозна горчливост бил прилично непопуларен како состојка за коктели, па најчесто се служи посебно, со кришка лимон или портокал, во зависност од типот, врвните бармени на овој фестивал го покажаа спротивното.

Ние им се препуштивме на барменските волшепства на организаторот Миша и неговиот брат Лукаш, како и на домашните коктел-мајстори Марко Скампа од барот Lampedusа кој на пошироката јавност тука ѝ е познат по освојувањето на минатогодишното Гранд При на Хавана Клуб Коктел и  Марино Кариња од сплитскиот бар Solutions кој веќе некое време важи за еден од најдобрите хрватски бармени.

Во рамки на настанот беа организирани и работилници на тема: Пелинковец во класичните коктели, кои ја одржале нашиот соговорник Миша и легендарниот Крис Едвардс, но ние, за жал, ја пропуштивме.

Левицки се надева дека сето ова е почеток на доведување на врвни бармени и нивните креации на островот и креирање дополнителни содржини кои ќе им бидат интересни на туристите, но и на локалните жители.

Инаку, нивните барови, поточно, Лампедуза и тукушто отворениот Бон Вивант се на само 10 метри оддалеченост еден од друг, но сопствениците, Марко и браќата Левицки, се сметаат за здрава конкуренција. Тие одлично функционираат бидејќи имаат заедничка цел, а тоа е подигање на коктел културата во Стари Град.

А додека Миша се занимава со организација и правење коктели, Ана ја прави најтешката работа, се занимава со документацијата.

„Многу ја сакам Хрватска, но бирократијата е многу комплицирана и јас никогаш не би можел да го работам сето она што го прави Ана“, признава тој.

Миша никогаш не бил во Македонија иако има пријатели од Македонија во Полска, па освен што одлично зборува хрватски, разбира по малку и македонски. Тој се надева дека зимава нема да има потреба да оди во Лондон за да заработува, туку дека ќе остане тука барем 9 месеци, а по затварањето на барот во декември, ќе заминат на пат низ државите на поранешна Југославија, евентуално, и пошироко, низ Балканот и дека ќе ги соберат сите пелинковци кои ќе ги најдат, па ќе можат да го реализираат и својот иден голем проект – да направат најголема колекција на пелинковци во светот во нивниот стариградски бар-Бон Вивант.

„Патувањата се убава инспирација за вкусови, за пијалоци, за храна. Имаме во план да отвориме и меѓународна задруга за да може да собереме повеќе производители на Пелинковец и да правиме заедно промоција на пелинковци низ светот“, вели Миша.

Тој има и многу други проекти и ивенти на различни теми кои треба да се реализираат секоја втора недела, во соработка со Туристичката заедница и општината на Стари Град и се надева дека ќе успеат да ја кренат културната сцена во Стари Град, а тоа да не биде само сезонски. Ги оставивме да ја продолжат забавата, со диџеј, но и со локална клапа, длабоко во ноќта, а ние заминавме на нашата следна дегустација – на вината на „Свирче“.