Полнети цветови од тиквички

Скопјанката Сандра Темова ги направила овие вкусни полнети цветови од тиквички од сопствената градина затоа што кај нас на пазар производителите упорно ги продаваат без нив. Дека порано цветовите се консумирале докажува и тоа што Сандра рецептот го научила од својата баба. Дали сте пробале досега цветови од тиквички?

0
248

Викендов, за да побегнат од скопските горештини, две млади двојки отишле во Кучково, а бидејќи, како што велат, сите се големи мераклии за испробување на нови вкусови, на менито имале полнети цветови од тиквички.

Се разбира, цветовите се од нивната градина бидејќи кај нас селаните упорно не ги продаваат тиквичките заедно со нив, за разлика од пазарите во Италија кадешто тие одат во комплет.

А за овој рецепт кој Сандра го научила од својата баба ви требаат:

Цветови од тиквичка набрани рано наутро бидејќи тогаш се отворени

(Сандра вели дека тие малку задоцниле, но немале проблем и нежно и полека ги отварале за да ги наполнат со смесата.)

Јајца

сирење (фета, рикота или урда, или било кое друго сирење по ваш вкус)

Брашно

масло за пржење

Ќе ги измешате јајцата и сирењето и со оваа смеса ќе ги наполните цветовите од тиквичка.

Потоа ги ставате прво во матени јајца, а потоа во брашно и ги пржите во врел зејтин.

Дегустаторите – Стефани, која е автор на фотографиите, Горазд и Даниел, велат дека вкусот бил одличен. Браво за Сандра и за рецептот на нејзината баба кој е доказ дека порано и кај нас цветовите од тиквички се консумирале и дека многу работи кои се сега тренд, се всушност само враќање кон традицијата.

Фото: Стефани Христов