После Slow food, на ред е и Slow wine

Енолог во семејната винарија „Ерос“, Сашко Андов има мисија да ја врати винската сорта Странушина во редот на квалитетни автохтони македонски сорти, како и да го промовира концептот на Slow wine.

0
399

Сашко Андов е енолог и наследник на малата семејна винарија Ерос која ја почнал неговиот татко Душко Андов пред 20 години. Неговата мисија денеска, освен да продолжи со производство на вино во семејната винарија е враќањето на винската сорта Странушина во редот на квалитетни автохтони македонски сорти на што работи со соработка со Слоу фуд Македонија како и афирмација на производите од Странушина, како што се, вино, маџун, ракија, гроздов сок и други, и полесно поврзување на производителите со крајните консументи.

Од кога се занимавате со винарство и како почна со работа вашата винарија?

Целиот проект со винаријата го започнува мојот татко пред околу 20 години, најпрво како хоби, односно производство на вино за домашни потреби. Најпрвин грозјето кое го користел било од неговото лозје од 1 хектар, кое се наоѓа во селото Марена. Неговите пријатели биле првите кои  го купувале неговото вино. Во 2000. година почнал да произведува поголеми количини, и во 2004. година Душко и официјално ја регистрирал својата винарија во Марена, а неговите пријатели ја крстиле Ерос.

Кога се вклучивте во работата и кога решивте да станете енолог, што знаевте за оваа професија претходно?

Потребата од енолог во винаријата беше првото нешто кое ме принуди да станам енолог, па веќе од 2006. година започнувам со студии на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Преку производството почнав да дознавам повеќе за комплексноста и просторот за творење кои ги овозможува професијата. Коплексноста на производството и потребата од осознавање и создавање на нешто ново се причините поради кои продолжив професионално да се занимавам со производство на вино.

Неодамна вашето вино доби Гран-при за виното странушина. За што точно станува збор, зошто е ова президиум и каква е вашата соработка со Slow food?

За првпат за Slow food дознав во 2010. година, на саемот Terra Madre Balkan, во Софија, Бугарија, како организација чија цел е да го заштити традиционалното производство на храна и пијалоци. Од 2011. година е отворена и првата канцеларија на Slow food во Кавадарци со што започнува и соработката. Од оваа година активно започнува со работа и президиумот Странушина. Странушината е македонска автохтона сорта која е застапена само во Тиквешкиот регион, односно околината на Ресава, Дабниште, Бегниште, Раец, Дреново и Кавадарци. Името на сортата доаѓа од нејзината способност да успее дури и на најсиромашните, суви почви, лоцирани на стрмни падини. Со појавата на нови, светски познати вински сорти во Р.Македонија површините насадени со Странушина се сведени на минимум. Формирањето на президиумот ќе го поттикне зголемувањето на површините насадени со Странушина и нејзино враќање во редот на квалитетните вински сорти. Воедно целта на президиумот е и афирмација на производите од Странушина, како што се, вино, маџун, ракија, гроздов сок и други, и полесно поврзување на производителите со крајните консументи.

Објаснете ни го концептот Slow Wine?

Основната филозофија на slow wine или бавно вино е нагласената разлика на техниките кои се користат за правење на најдобрите традиционални вина во одредени региони и оптимизираните техники за производство на вино кое се пласира на пазарот. Испумпувањето, филтрирањето и додавањето на адитиви се процеси со цел забрзано бистрење и стабилизација на виното, техники кои го забрзуваат правењето на вино, кое побрзо е подготвено за конзумација и пласирање на пазарот. Виното кое се пумпа, филтрира и прочистува има помалку комплексен вкус. Единствените недостатоци и проблеми кои можат да произлезат од виното кое е направено на бавен начин, е подолгиот временски период кој е потребен виното да се исталожи, подолгиот период неопходен за зреење и можноста за појава на маглив (заматен) изглед што се должи на поголемата застапеност на антиоксиданси. Меѓутоа овие вина имаат посложен (покомплексен) вкус и кај нив повеќе доаѓаат до израз тероарните карактеристики кои виното ги добива од самиот насад. Ова можеби е и најголемата предност на Бавното Винарство. Slow wine (Бавно Вино) претставува годишен каталог на препорачани вина од Slow food. Slow food преку 20 години го објавува својот водич на вина, поделени во три категории: „Секојдневни вина“ кои се со одличен сооднос квалитет-цена, „Големи вина“ во кои спаѓаат вина со одлични сензорни својства и „Бавни вина“ кај кои може да се почувствуваат карактеристиките на тероарот. Највисоко рангирани се вината со полжавче (Slow wine), тоа се вина кои ја отсликуваат таа винарија што е привлечна на еден специфичен начин и ги отсликува сите претходно споменати карактеристики, во синхронизација со Slow Food идејата и концептот. Од оваа година како оценка за винариите се вклучени уште 2 симбола, тоа се „Шише“ и монета „Евро“. Првото се дава на оние винарии кои што покажаа одличен среден квалитет за сите произведени шишиња на вино, а вториот знак им беше даден на оние винарии кои што покажаа одличен сооднос на квалитетот со цената. Со водичот конечно е издејствувана победа во битката против изедначувањето на вкусовите и органолептичките карактеристики на вината преку познавање на територијата, виновата лоза, виновите насади и пред се луѓето кои ги обработуваат лозјата и го произведуваат виното.

Освен вино, правите и сок од грозје?

Точно така, во производствената палета на Винарија Ерос веќе 10 години е застапен и гроздовиот сок, уникатен производ кој располага со висока содржина на протеини, јаглени хидрати и минерали, но и висока енергетска вредност. Гроздовиот сок е 100% природен производ произведен од внимателно одбрани насади, на традиционален начин, без додаток на конзерванси, шеќери и вода.

Кое е вашето омилено вино?

Од регионалните сорти кои се застапени и кај нас, најмногу ги уживам Темјаника, од белите и Кратошија од црвените. Во последно време посебно интересна ми е и Странушината. Оваа стара ендемска сорта посебно се издвојува по своите хербални ароми и вкусови на шумско овошје. Иако до пред извесно време беше потисната од асортиманот поради појавата на нови светски познати сорти, со примена на добра технологија и контрола во производството, и користење на потенцијалот кој го има, Странушината може да се избори за своето место во редот на квалитетни вина.

Текст: Драгица Христова

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here