Приказна за пчелите, медот, младиот пчелар… и мечките

Има 28 години, а веќе 12 се занимава со пчеларство. Нацо Јовчевски е еден од ретките кои зачудено ќе ве погледнат ако го прашате зошто не си заминал од родното село

0
1164

Со пчеларство не е тешко да се занимава оној кој тоа го сака. Со пчеларството можете и да заработите и да ви остане дел од приходите, но има и трошоци. И не можете да се збогатите. Барем не „сега и веднаш“!

Дваесет и осумгодишниот Нацо Јовчевски од село Дихово, сместено под падините на Баба Планина на надморска височина од 822 метри и со прекрасен поглед на Пелистер, е момче какво што ретко се наоѓа, вреден, интелигентен, кроток, амбициозен и што е најважно, го сака тоа што го работи.

„Кога сум во пчеларникот, меѓу кошниците, не мислам на ништо друго, јас работам, пчелите си зујат па дури и на овие пеколни температури, облечен во заштитното одело, заборавам на жештините. Работам од 5 часот наутро до 2 на ручек, а некогаш и подолго бидејќи во оваа работа ништо не се остава за утре. Пчелите си бараат постојана грижа и работа. Но не забележувам кога поминува времето“, раскажува Нацо.

Иако има само 28 години, со пчеларство се занимава веќе 12 години. Бидејќи не станува збор за семеен бизнис, Нацо сѐ научил да работи сам.

„Дедо ми кој живееше во Мариово, не можеше да најде некој кој ќе го извади медот од карпата до која требаше да се оди пеш околу час и половина. Мариово е познато по овој начин на природно производство на мед во карпа, на тој начин што на отворот во карпите се става плоча која се мачка со лепешка од говеда, а потоа е се во „рацете“ на пчелите. Обично дедо ми кој беше ловочувар, а не пчелар, наоѓаше некој кој ќе го извадеше медот, ќе си ги земеше пчелите, а нему ќе му го дадеше медот, но овојпат, бидејќи требаше да се пешачи долго, не можеше да најде никого па јас се нафатив да го направам тоа. Ги зедов пчелите, направив една кошница, ја однесов во дворот и почнав да се занимавам со пчеларство. Следната година најдов на истиот начин уште неколку пчелни семејства, во работата ми се придружи и мојот постар брат, Благој, направивме 7-8 кошници, дел докупивме, дел сами и така почна сѐ.

За работата се консултирав со еден постар пчелар, но многу консултирав и литература, а потоа работата ја учев во од. Се стекнав со пракса, но ми недостасуваше теорија па се запишав на Биотехничкиот факултет кадешто сум сега апсолвент. Како член на пчеларски здруженија посетувам и саеми, одам на семинари и се разбира, и на тој начин учам нови работи“, објаснува Нацо.

Тој е член и на Здружението за заштита на македонската медоносна пчела и член на президиумот „Макби“ поддржан од Слоу фуд и минатата година беше меѓу осумте производители од цел свет кои го означија официјалното отворање на Меѓународниот саем за традиционална храна Тера Мадре Салоне дел Густо 2016 во Торино.

Според него, пчеларството е добар бизнис за младите, може да се живее и да се заработи, но има и доста трошоци и проблеми. Покрај сиот негов труд, ангажман и љубов кон работата, пчелите и медот, негов најголем проблем се уште едни вљубеници во медот кои му прават голема штета – мечките. Досега тие повеќе пати влегувале во пчеларникот, ги кршеле кошниците, ги ваделе рамките и си се сладеле со медот. Нацо поставил сензори за движење, кои го активираат алармот што ги плаши мечките и тие бегаат. Засега ова функционира, но како ќе биде понатаму, останува да се види.

Иако е навистина жално тоа што мечките му прават големи штети, можете и да ги разберете откако еднаш ќе го вкусите овој преубав диховски мед директно од саќето. Е сега, ние не моравме да му ги кршиме кошниците бидејќи Нацо како добар домаќин горд на своите производи, и самиот ни ги понуди за дегустација. Ни даде дрвени шпатули – оние кои матичните лекари ги употребуваат кога треба да ви го прегледаат грлото, познати како „кажи Аааа“ – и гозбата почна. Со шпатулата нурнувате во саќето и доаѓате до течното злато, мед со свеж нектар, кој ако никогаш досега не сте го вкусиле на овој начин ќе ве натера да ја повторувате постапката се додека не сфатите дека никогаш во животот не сте изеле наеднаш толку многу мед. Баш како мечка.

Потоа следуваше дегустација на неколку зрна полен кој имаа вкус и мирис на липа (пчелите се занеле по липите на планина) и кои се навистина боговска храна; па следуваа останатите производи од мед. Имено, на почеток од формирањето на пчеларникот БН, двајцата браќа мислеле да произведуваат само мед, меѓутоа со текот на времето дошле до идеја да прават и други производи, како комбинација од мед, матичен млеч и полен, прополис, ракија-прополка, па повторно мед… Ех, каков убав и меден ден беше тој!

И додека ние, во дрвениот „изложбен салон“ каде што Нацо ги изложува своите производи панично мафтавме кога ќе ни се приближеше некоја заталкана пчела, тој смирено и нежно ги оддалечуваше или пак, многу почесто, не ги ни забележуваше додека тие зуеја наоколу.

„Со текот на годините стекнав имунитет и организмот веќе не ми реагира на каснувањето од пчелите онака бурно како што беше на почетокот. Дури и понекогаш кога ќе ме фати половината доколку сум претерал со работата, намерно се изложувам да ме каснат затоа што отровот од пчела во народната медицина е одамна познат како анестетик и моќно средство против болки“, вели тој.

После сето ова сепак го прашавме Нацо како се случило да остане да живее во село, додека повеќето млади гледаат само да побегнат во Битола, во Скопје или пак надвор од Македонија, а тој зачудено не погледна и не праша: Зошто?!

Ни откри дека неодамна му било понудено да работи како пчелар во Германија, со обезбедено сместување, храна и добра плата, но освен што би сакал да види како се работи таму и какви новости има во производството на пчели, сепак никогаш не би го оставил Дихово и своето производство. Напротив, има многу планови, идеи и ентизујазам.

Тој е дел од организацијата на Слоу Фуд, чии цели, меѓудругите, се промоција на локалните бизниси и одржување на традицијата, како и едукација на потрошувачите за штетата од пестицидите и предностите на органското производство. Медот на Нацо има сертификат за органско производство, и како дел од движењето има можност да организира работилници, дегустации на локален мед, како и продажба на истиот на туристите кои доаѓаат од целиот свет.

Накусо, задоволство кое ќе ве научи што е вистински мед, како се произведува и каде можете да го купите, што е всушност и идејата на апитуризмот за чиe развивање се залага и пчеларникот БТ.

Сепак, Нацо предупредува дека денеска производството на фалсификуваниот мед е толку изверзирано што потрошувачите во никој случај не можат да направат разлика, ниту да забележат дека купуваат тегла полна гликозен сируп, освен ако не консултираат експерт.

Од една страна, тие се измамени, а од друга, се создава нелојална конкуренција која практично ги уништува сертифицираните, вистински производители.

„Во Македонија има многу квалитетни производители. Тие треба да имаат шанса да дојдат поблиску до своите купувачи, кои, пак, имаат право да знаат што консумираат“, вели Нацо Јовчевски.
Тој порачува, мед да се купува само од проверени производители кои пчелините семејства ги чуваат во чиста околина и не користат додатоци во нивната исхрана, а не од зелените пазари или по патиштата.
„Македонија треба да развива апитуризам, нешто што западните земји го негуваат подолго време. Преку апитуризмот, купувачите ќе се едуцираат каде да најдат вистински и квалитетен мед. Нашите села се идеални за рурален туризам, подвлекува Јовчевски кој се подготвува туристичките тури во неговиот пчеларник во Дихово да ги поврзе со гатрономска тура, па за таа цел соработува со Вила Дихово, кадешто би се одвивал овој втор, гастро дел од турата и туристите би можеле да пробаат најразлини јадења со мед, како пилешко со мед, ребра со мед, салати и слично.

Исто така, тој веќе го воведува во пракса словенечкото искуство – пчеларниците лоцирани во најчистите предели да бидат дел и од медицински туристички тури, за болни од астма, бронхитис, алергии, хронични белодробни заболувања,…

„Ние сме единствени во Македонија кои правиме апитерапија, која е медицински метод за зајакнување на имунолошкиот систем, лекување на разни болести (асма, бротхитис, алергиии…) и зачувување на здравјето, а се состои од вдишување на воздух директно од пчелната кошница која ги содржи сите компоненти, односно прополис, матичен млеч, пчелин восок и полен. Вдишувањето специфична арома, која е произведена во пчелните сандаци, има исклучително корисен ефект врз здравјето и психофизичката состојба и може да се прави во периодот од април до септември.

„Со вдишувањето на воздух од пчелната кошница, преку специјална маска за дишење, ние ги консумираме овие вредни супстанции, кои имаат лековити својства. Апитерапијата, по природен пат, ни помага да се надминат многу проблеми и е исто така повеќе од совршена за спортисти, деца и постари лица“, порачува Нацо.

Уште долго по нашата посета го слушавме во ушите зуењето на вредните пчели, вкусот на златниот нектар и мирисот на недопрената природа. А и скопските жештини полесно се поднесуваат ако одвреме навреме си помислите колку е убаво таму горе, во Дихово.

Драгица Христова

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

three + 15 =