Романтична роденденска забава за украинската невеста на шеф Огненовски

Ех, љубов, љубов! За неа луѓето менуваат и вера и нација, а се разбира, менуваат и држава. Па така и Украинката Олга не ни размислува повеќе на таа тема. За 1 месец и конечно се сели во Скопје. А тука со радост ќе ја очекуваат Влатко, неговиот татко Киро кој, покрај Влатко, најмногу се весели на скорешната свадба, и многубројните пријатели. Единствениот кој не се радува баш многу е неговото мало симпатично кученце, поточно, кучка, која на секој нивни бакнеж, опасно р’жи.

0
912

Кога еден 45-годишник со богато животно и професионално искуство кој го прошетал светот долж и попреку, ќе реши да се жени, тогаш, тоа мора да е љубов, а избраничката – онаа вистинската. Во случајот на шеф Влатко Огненовски, таа е Украинка и се вика Олга. Ја запознал на 25.јануари годинава, во Киев и, како што тврдат и двајцата, било тоа љубов на прв поглед.

Еднаш веќе напишавме дека нашиот славен шеф Влатко Огненовски конечно ја нашол вистинската, а дека приказната се одвива според планот, зборува и нејзиното доаѓање во Скопје. Олга е тука една недела, па заедно со онаа недела кога се запознале, ефективно се заедно цели 14 дена.

Синоќа тие заедно го прославија и нејзиниот роденден.

Од подготовките и редењето на свеќички низ градината на Влатко

Дека е Влатко вистински романтичар зборува и она што го направи синоќа за својата идна сопруга. Имено, триесетина негови пријатели собрани во неговата прекрасна градина во Козле, меѓу кои и ние, од Арт кујна, ја чекавме во заседа убавата Олга за која шеф Влатко приреди преубава роденденска забава и успеа да ѝ измами и насмевка, но и солзи во очите.

А кому не би му годело вакво изненадување!

Додека таа беше испратена на обиколка со неговата стара и нејзината нова пријателка Сашка, Влатко со пријателите ја преобрази својата градина во романтична зелена оаза со стотина свеќички расфрлани низ тревникот. Кога Сашка јави дека доаѓаат, сите замолчани во едниот крај од градината, наеднаш, кога Олга се појави на влезот сложно ѝ ја запеаја роденденската „Хепи Брдеј“, а Влатко ја зеде во своите прегратки. Не се знаеше дали е Влатко посреќен, или е Олга повозбудена. А и сите ние, присутните, кои бевме дел од една убава вечер и сведоци на една нова, голема љубов.

Се испи многу вино, а симпатичниот шеф Огненовски не ја испушти од раце својата љубена Олга, која пак го гледаше со очи светнати од љубов.

Ех, љубов, љубов! За неа луѓето менуваат и вера и нација, а се разбира, менуваат и држава. Па така и Олга, не ни размислува повеќе на таа тема. Заминува за Киев за да го подготви својот наследник на работа и чесно да се раздели од компанијата во која досега работела како економист, да даде отказ, да си ги среди документите, да се спакува и да се пресели во Скопје. А тука со радост ќе ја очекуваат Влатко, неговиот татко Киро кој, покрај Влатко, најмногу се весели на скорешната свадба, и многубројните пријатели на Влатко. Единствениот кој не се радува баш многу е неговото мало симпатично кученце, поточно, кучка, која на секој нивни бакнеж, опасно ја р’жи.

Но наскоро Олга ќе ја придобие и неа, баш како што веќе ги освоила и неговите најблиски роднини и пријатели.

Како што вели и самата: „луѓето се тука многу пријателски настроени, многу топли и отворени и јас за кратко време веќе имам многу нови пријатели. Се радувам што ќе живеам тука и подготвена сум да ја делам иднината со најважниот човек во мојот живот, со Влатко“.

Тие заедно веќе направиле „пеколен“ план. Првата точка од планот е венчавката, а потоа отвараат и свој ресторан, поточно, повторно се отвара „Тоскана“, ресторанот кој Влатко го држеше пред многу години кај Млечниот ресторан во Скопје. Овојпат, за финансиите ќе биде задолжена Олга, а Влатко ќе се потруди околу готвењето и не се сомневаме во нивниот план – да направат ексклузивен и врвен ресторан. Исто така, вели Влатко, „Асоцијација шеф Огненовски се пререгистрира и се проширува во целиот свет, па во иднина планираме своја позиција и во Киев“.

Засега, впечатоците на Олга за Македонија, се само убави, а како и не би биле кога Влатко ја прошетал на најубавите места, Матка, Кокино, Куклице, Вруток.

„Пред да го запознаам Влатко, за Македонија знаев само толку, дека е една од најубавите земји на Балканот, со убави вина и многу сонце, со стари цркви и кирилично писмо. Откако го запознав Влатко и неговите пријатели, знам многу повеќе и дознавам дека освен времето, тука се топли и луѓето. А за храната, што да ви кажам, сѐ што пробав ми се допадна, а ги пробав сите традиционални јадења, од лути пиперки, пинџур и лутеница, до селско месо и пастрмка. Сѐ беше совршено, баш како што е и ова што ни се случува нам. Никогаш не верував дека постои љубов на прв поглед, сѐ додека не ми се случи и мене сега“, вели Олга.

Инаку, и таа е одлична готвачка, па кога ја прашавме кој ќе готви кога конечно ќе го почнат и својот заеднички живот, подготвено ни рече: „Ќе готвиме заедно“.

Впрочем, се гледа дека едвај чекаат тоа да почне.