Русокоса мајсторка за вино, ракија, вињак, мастика…

На работата на нашата соговорничка Билјана Трајковска, би ѝ позавиделе многумина, а најмногу љубителите на добрата капка

0
828

Од припадничките на понежниот и поубавиот пол не се очекува да се стручњаци за алкохол, но нашата соговорничка Билјана Трајковска, косопственик на винаријата и дестилеријата Трајковски, е токму тоа.
„Фирмата и брендот Трајковски се семеен бизнис. Обврските ни се поделени па така на пример, татко ми е одговорен за правењето на жестоките пијалоци, ракијата, мастиката, вињакот, а јас за вината, но сепак, дегустацијата на сите и давањето на зелено светло дека се добри и подготвени за пласман, е моја задача“, вели Билјана.
Таа студирала маркетинг и менаџмент во Франција па можеби токму таа локација била пресудна да почне да размислува за формирање на фамилијарен бренд за производство на алкохол и вина.
„Додека студирав во Франција ја добив идејата да направиме бренд кој ќе го пласираме во светски рамки. Се вратив од Франција со намера да го направиме тоа и во 2008.година почнавме да работиме и да произведуваме по старата рецептура од мојот прадедо. Најважното нешто за секој производител на алкохоли е рецептот. Добриот алкохол бара повеќе од добри буриња и технологија. Ние имаме традиција, а Traikovsky Wines & Spirits ја развива таа традиција уште од 1922.година кога ги произведувал и мојот прадедо за домашни потреби.
Јас неколку години одев на обуки и во две винарии во Словенија кадешто го произведуваат виното со новозеландска технологија, па и ние ја применуваме истата. Практично, вината ги правивме користејќи ги старите методи, но усогласени со стекнатите искуства од винариите во Словенија во кои се обучував.
Главна разлика е во одбирањето на сировините, односно, во балансот на киселини и алкохол во грозјето, кое не е доволно да е само зрело туку да има и доволно киселини, но и да не е премногу зрело. Ако има многу киселини има малку алкохол, ако пак има премалку киселини ќе има премногу алкохол, затоа треба да се балансира совршено. Нашата семејна винарија и дестилерија е лоцирана во регионот на Барово, во с. Крњево, во долините на Кожуф планина и нашите вина се произведуваат од најдобрите Тиквешки лозови насади.
И вината и жестоките алкохоли кои ги произведуваме се природни домашни производи, направени по стариот прадедов рецепт, со многу љубов и како за своја душа“, раскажува Билјана.
Иако е одговорна за вината, а нејзиниот татко за другите алкохоли, сепак, токму таа пресекува и го дава зеленото светло за сите производи.
„Јас не сум стручњак за производство на жестоките пијалоци, но сум за дегустација. Омилени од жестоките пијалоци ми се вињакот и ракијата. Инаку, станува збор за домашно производство во бакарен казан, при што ракијата и вињакот се прават со двојна, а мастиката со тројна дестилација. Третиот пат се мачка казанот со мед, а внатре се ставаат и повеќе од 12 билки кои на нашата мастика ѝ даваат специфична и опојна арома“, вели Билјана.
Таа и приватно ужива во пијалоците па кај неа и нема јасна граница каде престанува работата, а каде почнува приватниот живот. Чаша вино, вињак или ракија за неа, освен што се пијалоци подложни на оценка и стручна дегустација, се и момент на уживање, момент кој честопати знае да го одвои за себе и за уживање во истите.
„Наскоро ќе извезуваме и за Америка, па на барањето оттаму, ги напишав нашите состојки и рецептот, но вештината, односно, времето кога нешто треба да се направи, не можам да го пренесам, тоа е тајната на занаетот и она што ги прави нашите производи посебни и толку добри и секогаш исти“, завршува Билјана.
Инаку, винаријата и дестилерија Трајковски чии производи се на пазарот од 2011.година, годинава за првпат се претставија на салонот Винодонија во „Мериот“.

Драгица Христова

loading...