Северина: Правам поубав грав од војничкиот (ВИДЕО)

Хрватската поп-пејачка Северина Вучковиќ готви на свинска маст, прави грав подобар од војничкиот, а кога се враќа од Македонија, мора да вежба двојно повеќе.

0
1614

Хрватската поп-пејачка Северина Вучковиќ која е ѕвезда на годинешниот календар на компанијата „Пелистерка“ кој годинава го изработи маркетинг агенцијата Њу момент, ексклузивно за нашиот портал ја откри тајната на својата совршена линија.
„Се хранам во согласност со она што ми го бара организмот па веќе со години наназад речиси секој ден јадам по 2-3 јајца на око подготвени на свинска маст. Кога ова го спомнав во интервју за некои списанија сите беа изненадени, но знам дека свинската маст е здрава па затоа и ја користам во кујната. За ручек гледам се што јадам да биде здраво и природно и главно е тоа готвена храна, односно, храна на лажица. Иако се трудам да не вечерам, мора да кажам дека тоа е исклучително тешко со двајца мажи дома кои многу сакаат да јадат“.

Инаку, и самата е вешта во кујна, иако признава дека се до 1992-93 година, односно, се додека не се преселила во Загреб, не знаела да готви.

„Дома ја гледав мајка ми како готви, но не е исто ако човек нема пракса. Затоа кога се доселива во Загреб ја викнав мајка ми и секој ден заедно готвевме па сега можам да кажам дека сум одлична готвачка, а многу кои биле во војска признаваат дека мојот грав е подобар и од војничкиот. Знам одлично да приготвам и многу други готвени јадења, сакам да готвам и се што готвам, готвам со љубов. Сепак, морам да кажам дека не сум толку добра во кујната како што е Грашо (пејачот Петар Грашо), кој е извонреден готвач, најдобар готвач меѓу музичарите, а има и свој ресторан, во која кога ќе подготви нешто за нас, неговите пријатели, секогаш е тоа вистинска гозба. Мојот омилен рецепт кој често го правам го научив од една моја пријателка, а станува збор за супа од тиква со кокосово млеко, со малку кориандер, и на крајот се додават шкампи. Многу е пикантно, малку поинакво и навистина вкусно“, вели пејачката.
За Македонија и за македонската кујна вели дека е често погубна за неа и дека по враќањето дома, мора да вежба двојно повеќе.

„Кога јас би се родила во Македонија, сигурно не би пеела, не би се занимавала со оваа работа и би имала сто кила. Немам зборови за гостопримливоста на луѓето, која е првата одлика на Македонците, на тој убав, мирољубив народ, кој е добар со сите, сето тоа влегува и во кујната па се што ќе извадат и ќе стават на маса е превкусно. Да не ги спомнувам само пинџурот и ајварот кои најчесто се спомнуваат, тука буквално се е превкусно и преубаво“, вели Северина.

Разговараше: Драгица Христова

 

loading...