Ѓумбирот Zingiber officinale е култивиран уште во претисториско доба, а се смета дека потекнува од јужна Азија. Името потекнува од санскритскиот збор шрингавера што значи тело како рог. Во сушена форма е донесен на подрачјето на Медитеранот во времето на стара Грција, а бил еден од најзначајните зачини во средновековна Европа. Во тоа време редовно бил послужуван на масите, заедно со солта и биберот. Познатите колачиња со ѓумбир потекнуваат од средниот век, а ароматизираното пиво од ѓумбир потекнува од 19 век, кога англиските таверни вовеле традиција на посипување ѓумбир во прав врз пивото.

Ѓумбирот може да се смета како хранлив зачин. Свежиот ѓумбир содржи 2,3 отсто протеин, 0,9 отсто масти, 12,3 отсто јаглени хидрати, 1,2 отсто минерали и 2,4 отсто влакна. Енергетската вредност на 100 грама ѓумбир изнесува приближно 70 кцал. Извор е на калциум, бакар, магнезиум, манган, фосфор, селен, цинк, железо, витамион Б6 и витамин Ц. Бидејќи се користи во мали количества, како зачин, не придонесува значајно на внесот на енергија ниту внесува нутритиенти во секојдневната исхрана.

Ѓумбирот се користи во традиционалната кинеска медицина, а го користел и Конфучие за здравје и сила. Се споменува и во Камасутра зашто му се припишуваат афродизијачки моќи.

Содржи состојки познати како гингероли кои имаат противвоспалително, аналгетско, антиканцерогено и антипиретско дејство. Присуството на тие нешта е веројатно клучот за поволното дејство на ѓумбирот при превенција и олеснување на симптомите на хроничните воспалителни болести.

Сепак, најпознат е по ублажување на симптомите на гастроинтестиналните тегоби, делува на опуштање на системот за варење и ги намалува гасовите во цревата. Корисен е во спречување симптоми на морска болест, утрински мачнини во бременост и мачнини предизвикани од хемотерапија. Може да се користи во превенција и лекување на карцином на јајчниците, зашто е откриено дека го инхибира растот на клетките на ракот. Се препорачува да се зема при настинки и грип, зашто помага да се отворат затнатите дишни патишта.

Свежиот ѓубир е незаобиколен во азиската и ориенталната кујна. Ароматичен е, резок и лут. Им дава пикантност на јадењата приготвени во вок, како и на овошните десерти. Се користи за правење маринада, како и во комбинации на разни лути и слатки зачини, како што е карито. Свежиот ѓумбир може да се додаде во салати, а од него може да е направат никулци кои се одличен додаток на сендвичите и салатите.

За да се задржат сите негови вредни состојки, ѓумбирот треба да се додава при крајот на готвењето или на готовото јадење. Сувиот ѓумбир најдобро е да се додаде на почетокот на готвењето за да го развие вкусот.

Свежиот ѓумбир може да се чува во фрижидер неколку недели, а сувиот до шест месеци на собна температура во херметички затворен сад или до една година во фрижидер.

РЕЦЕПТИ СО ЃУМБИР

Јогурт со ѓумбир и овошје

Кој може да замисли дека десертот може да биде толку хранлив? Една порција од овој рецепт има 232 отсто од дневните потреби за витамин Ц.

(за 2 лица)

3/4 шолја јогурт, нискокалоричен
2 големи зрели банана
2 лажички ѓумбир, рендан
1 голема папаја
1 шолја грозје, без семки
1/4 шолја бадеми, сечкани

1. Изблендирајте ги јогуртот, бананата и ѓумбирот.

2. Извадете го месото од папајата и поделете ги папајата и грозјето во два сада. Измешајте ги со јогуртот и на врвот ставете бадеми.

Смокви со сос од портокал и ѓумбир

Смоквите се многу вкусни кога е нивната сезона. Овој здрав рецепт претставува невообичаен начин да уживате во нив со малку труд и без додаден шеќер.

(за 4 лица)

12 свежи смокви
1 лажица свеж ѓумбир, сечкан
малку анасон
1 шолја сок од портокал

1. Варете ги 20 минути сокот од протокал, ѓумбирот и анасонот. Нека се згусне.

2. Пресечете ги смоквите на половина. Посипете ги со сосот. По желба, во сосот може да се стави и лут зачин.

Салата од ананас со ѓумбир

1 шолја вода
1/4 шолја мед
1/4 шолја свеж ѓумбир, сечкан
1 среден ананас, пресечен на парчиња
4 цврсти банана, сечкани

1. Ставете ги водата, медот и ѓумбирот на силен оган 15 минути, да се згуснат. Тргнете ги и нека се ладат во фрижидер.

2. Измешајте ги ананасот и бананите со овој сируп.

Зелка со ѓумбир

Оваа прекрасна азиска салата има голема нутрициска вредност.

(за 4 лица)

6 шолји зелка, сечкана тенко
1/2 шолја млад кромид, сечкан
1 лажица лук, сечкан
1 лажица свеж ѓумбир, сечкан
1 лажица зеленчукова супа
1 1/2 лажица сос од соја
1/2 лажица оризов оцет
сол, бел бибер

1. Оставете ги сечканите зелка и лук да отстојат 5 минути.

2. Загрејте 1 лажица од супата и во неа испржете ги зелката, кромидот, лукот и ѓумбирот 3-4 минути, мешајќи повремено.

3. Додадете ги сосот од соја, оцетот, сол и бибер.

Супа со 5 зачини

Кога ја правите оваа супа, не брзајте.

(за 4 лица)

1 среден кромид, сечкан
1 лажица, плус 6 шолји зеленчукова супа
парче свеж ѓумбир
6 чешниња лук
1 парче цимет
3 зрна анасон
6 цели суви печурки шитаке
1 лажица сос од соја
1 лажица меласа
2 кромида, пресечни на половина
6 чешниња лук, преполовени
сол, бел бибер

1. Оставете ги сечканите кромид и лук да отстојат 5 минути.

2. Загрејте 1 лажица од супата и во неа испржете го кромидот 5 минути. Додадете ги шесте шолји од супата и измешајте. Нека зоврие, намалете го огнот и нека крчка 20 минути во откриен сад.

3. Во друг сад во една лажица супа испржете ги двата кромида пресечени на половина, 15 минути, мешајќи. Додадете го лукот и пржете уште една минута.

4. По 20 минути варење исцедете ја супата и вратете ја течноста во садот. Во него додадете ги кромидот и лукот, сол и бибер.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here