Словенечка кујна за ракија во Випава

За многумина ракијата може да биде отров, ако се консумира неумерено, но може да биде и лек. Можеби затоа и многу од лекарите што ги знам, а и многу возрасни и мудри луѓе, секој ден наутро и евентуално навечер, испиваат по една чашка добра ракија. Во Випава, Словенија, во „Кујната за ракија“ на Дарко Жгавц нам ни беше понудена како лек.

0
173

Дали знаевте дека првиот пријавен патент во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците бил казанот за ракија? Оваа информација, како и многу други информации за ракијата има во Музејот посветен на ракијата кој се наоѓа под Авала кај Белград. Но за ова другпат.

Во сите бившо-југословенски држави како да нема некој што не е стручен за ракија, а ако некој пијалок е во рангот на национално богатство на речиси секоја земја на Балканот, тогаш тоа е токму ракијата или како што уште често знае да се каже – балканското виски.

Во Србија се тврди дека ракијата е автентичен српски бренд, а ако прашате кај нас, во Хрватска, во Словенија или во Босна, ќе ви го кажат истото – ракијата е хрватски, словенечки, босански, македонски автентичен бренд. И што можеме да заклучиме од ова? Па, ако ме прашате мене, ова значи дека никој не може да каже дека е ракијата негов изум, бренд, дел од неговата и само неговата традиција и култура.

Секоја е поинаква и карактеристична токму за крајот кадешто е направена. Така, за Македонија е карактеристична жолтата ракија, а за Србите сливовата, Хрватите најмногу ја трошат медовата, а Словенците – онаа од јаболки.

Ракија се прави и од други овошја како кајсии, круши, дуњи, смокви, а со додавање на лековити треви или други плодови (вишни, боровинки, ореви, мед…) се добиваат ракии како траварица, вишновка, боровничка, медова, клековача…

За многумина ракијата може да биде отров, се разбира, ако се консумира неумерено во големи количини, но може да биде и лек. Можеби затоа и многу од лекарите што ги знам, а и многу возрасни и мудри луѓе, секој ден наутро и евентуално навечер, испиваат по една чашка добра ракија.

На темата – од каде потекнува ракијата и кој ја донел на овие простори, а особено за тоа чија ракија е најдобра, е излишно да се зборува. За вкусовите не вреди да се расправа, а се покажало и дека ракијата не познава граници, бидејќи тие се само во нашите глави.

Србите се сметаат себеси за најголеми производители и најголеми консуматори на ракија, што е веројатно точно затоа што се и најголеми по број и по површина на просторот на поранешна Југославија.

Многу често пак, сите народи од овие бившојугословенски простори за Словенците знаат да кажат – што знае Словенец што е ракија!

Е сите такви јас би ги упатила на едно место – во Випава. Таму можат да го побараат Дарко Жгавц и неговата Кујна за ракија и да го прашаат овој Словенец дали знае што е ракија. Само бидете внимателни – Дарко има многу ракии, а ги прави од најразлични нешта и секое негово ново откритие е подобро од претходното, а сите ќе ви ги понуди како народен лек за некоја болка. Затоа, пробајте умерено и од сѐ по малку.

Дарко Жгавц во својата „кујна“

Дарко прави ни помалку ни повеќе (можеби во меѓувреме направил и барем уште една повеќе) 16 видови ракија.

Почнал да ја прави од 2005. година, прво сам за себе, затоа што, како што вели, имал во својот овоштарник многу овошје кое неговата сопруга не можела да навјаса да го „претвори“ во мармалад, што морал да почне да прави ракија. Греота да скапува, нели?

Прво почнал да прави за себе, за домашна употреба, како за лек, ама кога почнал да навлегува во мајсторлукот, не можел да запре.

Постојано експериментира со нови и нови вкусови па пред некоја година се регистрирал како мал производител на ракија и сега неговата ракија веќе може да се најде и да се купи и во некои локални маркети и локали. Сепак, бидејќи станува збор за мало производство, тој повеќе ја нуди како народен лек.

Веднаш до неговата семејна куќа ја изградил својата „Кујна за ракија“ и сега е таму неговото царство и воедно лабораторија за создавање вкусови, но и простор за дегустација на истите.

Група меѓународни експерти во посета на „кујната“

А прави навистина интересни ракии. Најмногу, вели, Словенците ја сакаат ракијата од јаболка, но лично тој ја преферира онаа направена од јапонски јаболка – каки. Впрочем, токму оваа ракија 10 години по ред е прогласувана за најдобра ракија во Словенија.

Тука ферментира овошјето

Исто така, прави и ракија од кајсии, цреши, вишни, боровинки, „брињевац“…

Инаку, последнава се добива со дестилација на ферментирани плодови од смрека и одлично го отвара апетитот.

Плодовите од смрека се користат од дамнина кај проблемите со мокрачните патишта, за подобрување на варењето, за искашлување, против болести на желудникот и бубрезите, а најинтересно од сѐ е тоа што овие плодови Дарко ги набавува од Македонија. Се берат во планина, со помош на специјални чешли. Од нив се прави масло кое оди во фармација, а кога се вари ракија, потребни се три килограми од овие бобинки за 1 литар ракија. Можеби и затоа неговата цена е 40 евра за литар. Оваа ракија е најпозната како лек за болести на стомакот. Во лабораторијата на Дарко се варат и некои од повообичаените ракии како што е комова ракија и ракија од локалните мали сливи (џанки), а прави и одличен пелинковац, јегер, вињак, ракија, односно, ликер од боровинки, цреши, вишни. Секако, тука е и вилјамовката, од неговите круши-вилјамовки, а и онаа од јаболка ја прави од јаболката од својот овоштарник, најмногу од златен делишес. Останатите овошја ги купува од производители од истиот, випавски крај, кога неговите не се доволни за количините кои ги произведува.

И од каки почнал да прави ракија од истата причина како и од повеќето – имало премногу род.

Кога го прашавме каде најмногу се трошат неговите ракии, низ смеа ни рече: „Во планинарските домови!“

Го прашавме и за неговите и за навиките на Словенците кога станува збор за пиењето ракија.

И не, тие не ја пијат со салата пред ручек како нас, туку ја пијат после ручек. Исто така, не пијат топла ракија во зима, како нас, туку исклучиво варено вино. Сепак, Дарко е човек кој сака да испробува нови работи па во својот роковник за зимата си запиша: да испробам варена ракија на македонски начин.