Тито сакаше бегова чорба, Милошевиќ туфахии, Рокфелер лосос

Тито, Милошевиќ, Рокфелер, Олбрајт, се само дел од имињата на луѓе за кои готвел сега 67-годишниот Добривое Самарџија, готвачот што во времето на Југославија приготвувал храна за највисоките функционери и кој знае речиси сè за нивниот апетит.

0
567

Добривое Самарџија за време на кариерата во воено-угостителската установа „Авала“ важел за најголем експерт со дрвена лажица, заради што цел живот бил „специјалец“ со престилка, чија работа била исклучиво да подготвува храна за дипломатите и најголемите политичари на некогашна Југославија, објавува „Новости.рс“.

За Тито
Од 1973 до 1980 година Добривое готвел за тогашниот претседателот Тито, а по потреба бил распоредуван по резиденции кога доаѓале високи странски државници.
– Тито никогаш не се жалеше на храната, а знаеше и да се дружи со послугата. Дури сакаше да не изведе да ги слушаме пејачите кои доаѓаа на настапите во негова чест – се присетил Самарџија и додал дека Маршалот сакал јагнешко и прасечко месо и масна храна, но дека тоа му го забранувале лекарите, па тие скришно му давале печено месо.
Според зборовите на Самарџија, Тито во слободно време имал обичај да се прошета до кујната и да гледа како се подготвува храната, а најдобро се чувствувал кога доаѓал на Бриони.
– Во собата секогаш имаше свежо, младо сирење. По протокол, тоа се менуваше трипати дневно. Маршалот сакаше традиционални јадења од босанката кујна – босанска тепсија, бегова чорба, па супа од фазан – се присетил уште готвачот.

Други функционери

По смртта на Тито, Добривое Самарџија продолжил да подготвува храна за највисоките државни функционери. Поради многубројните познанства, важел за човек што можел да отвори многу врати.
Потврда дека е најдобар, пишува „Независне.рс“, Самарџија добил при собирот на најголемите банкари во Белград. Со специјална наредба, што и денес ја чува, бил преместен во хотел во текот на Самит на ММФ и подготвувал храна за Дејвид Рокфелер, кој во тој момент бил најбогатиот Американец.
– Се сеќавам дека му подготвував лосос на даска од свежо собрани диви јаболки, а јадеше и млади сирења и далматинска пршута – раскажал Самарџиќ.

За Милошевиќ
Во однос за неговиот кулинарски ангажман во времето на Милошевиќ, Самарџија изјавил дека немало шега со тој функционер.
– Кога му доаѓаше некоја делегација, не бевме во можност ниту да излеземе од кујната. Жал ми е, но повеќето од тие луѓе не сум ги ни видел – раскажал пензионираниот готвач Добривое Самарџија.
Добривое раскажал и дека Милошевиќ сакал чорби, а за десерт туфахии.
– Но, Мира го пишуваше менито. Поради неговото здравје, му бранеше да јаде тешка храна. Бараше да му подготвуваме диетална – посочил некогашниот готвач.

Контрола на храната

Секој оброк за Јосип Броз Тито и за Слободан Милошевиќ се контролирал, а примерок од храната прво пробувал дежурниот лекар.
Вработените во кујната имале обврска по секој ручек да зачуваат дел од храната уште 24 часа, во случај нешто да не биде како што треба.
Инаку, по пензионирањето во 2011 година, Самарџија имал кафеана и успеал да привлече дел од старите клиенти. Потоа го напуштил тој бизнис и сега се занимава со декорација на храна.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

eighteen + twenty =