Вчера бевме на Св.Стефан …

Народот го празнува Свети Стефан на 9.јануари, односно, на третиот ден од Божик. Тогаш се оди на именден кај Стефановци. Бевме и ние синоќа, а за она што го вкусивме и за целата убава трпеза, заслугата е главно, на домаќинката Ана.

0
638

На третиот ден од празникот Божик, значи вчера (09.01), светата православна црква го празнува споменот на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан. Тој е наречен првомаченик затоа што прв настрадал за Христовата вера.

Култот на св. Стефан е стар колку и самата Христова црква, зашто тој е почитуван исто колку и апостолите. Култот особено пораснал по наоѓањето на неговите мошти и нивното пренесување во Цариград.

Во црковните песни и проповеди св. Стефан се нарекува: прв, врв на мачеништвото, почеток на мачеништвото, итн.

Народот го празнува Свети Стефан на 09.01, а тоа е третиот ден од празникот Божик. Тогаш се оди на именден кај Стефановци, но сите песни, верувања и обичаи што се изведуваат на овој ден се поврзани со Божик.

Синоќа, и Арт кујна беше на гости кај еден Стефан. А таму, трпеза стокмена токму како за нашиот портал. Солени торти, салати, даски со најразлични видови сирења, круши со мед, печена тиква, сува и блага, печено месо, кифли и проички со најразлични форми и зачини, колачи и останати деликатеси, убави за око, но и за вкус.

Уживаа сите гости, а уживавме и ние, во богатата трпеза, но и во друштвото на домаќините и останатите гости.

Меѓу нашите фаворити беше даската со различните видови на сирења и овошје, главно круши со мед, пршут, печената тиква, воздушестата салата од компири, сирење и мајонез, солената торта и сите колачи.

Солена торта

Состојки:

9 парчиња леб за тост

100 г ситно сечкана шунка

100 г тврд кашкавал

3 варени јајца, изрендани

200 г мајонез

500 г павлака

Приготвување:

Наредете 3 парчиња леб за тост на долга чинија. Премачкајте ги со слој павлака, наредете шунка, па одозгора уште 3 парчиња леб. Повторете ја постапката, со тоа што овојпат ќе ставите рендан кашкавал.

Завршете со третиот слој лепчиња, па премачкајте ја тортата со павлака. Ренданите јајца наредете ги најодозгора, како декорација.

Совет од домаќинката: Најдобро е да ја направите навечер и да ја оставите да отстои во фрижидер цела ноќ. Така поубаво се сече.

Колачи со фил од тиква (мрсна верзија, во која наместо зејтин, ставате путер, а наместо вода-млеко), колач со суво овошје и јаткасти плодови и обланди.

Наздравје!