Виетнамскиот вкус на Скопје

Долг тричасовен оброк од четири јадења со специфичен вкус близок на азиската кујна, но сепак поинаков од сите други...беше тоа уште една од многуте тематски вечери во рамките на проектот „Вкусот на Скопје“ во Јавна соба

0
300

Синоќа во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, како дел од проектот „Вкусот на Скопје“ се одржа Виетнамска вечер, а менито од виетнамска храна за големиот број љубопитни гурмани го подготвија шеф Хуонг Нгуен од Хо Ши Мин, најголемиот град во Виетнам и нашата Гоца Каникова.

На менито имаше 4 јадења и десерт.

Првото јадење беше бифтек и зеленчук во палачинка од оризово брашно, кое e можеби малку необично за оние кои досега не пробале виетнамска храна, се додека не сфатите дека не станува збор за некој специфичен виетнамски зачин туку за свеж коријандер кој во македонската кујна и не се употребува многу често, барем не во свежата варијанта, па оттаму и тој поинаков вкус и мирис на кој не сме навикнати. Познато е дека свежиот коријандер е еден од најспецифичните зачини за кој постојат дури и научни студии со кои е утврдено дека начинот на кој ќе го примите вкусот на коријандерот значително зависи од вашите гени.

Имено, научниците биле во можност да утврдат дека повеќето луѓе кои не го поднесуваат коријандерот имаат заеднички рецептор-гени за мирис, наречени OR6A2, кои се чувствителни на мирисот на алдехид хемикалиите кои може да се најдат во коријандерот и во сапунот, па оттаму на овие луѓе коријандерот им има вкус на сапун. Доколку сте еден од тие „анти-коријандер“ луѓе, сега барем знаете дека тоа не е ваша, туку е вина на вашите гени.
За да го избегнетесапуница вкусот“ во вашите јадења, едноставно, коријандерот заменете го со магдонос.

Второто јадење е салата со свинско месо во 5 зачини со сезонски свеж зеленчук, јадење кое повторно, доколку првпат пробувате виетнамска храна, можеби нема да ви се допадне, но дефинитивно треба да се проба. Впрочем, на светот има толку многу вкусни јадења кои се сосема поинакви од нашата кујна и е секогаш добро да се проба нешто ново.

Третото јадење, пилешко месо во сос од кари и кокосово млеко со басамати ориз беше најобилната порција во ова мени и за повеќето од нас беше сепак и најблиско до она што веќе сме го пробале, но во секој случај, мајсторски зготвено. Особено сме воодушевени од оризот но доколку на готвач од азиските земји му кажете дека оризот е таман каков што треба веројатно ќе добиете само зачуден поглед во стилот: а зарем може оризот и да не е како што треба?! Накусо, тие и не знаат да го „утнат“.

Четвртото и последно јадење од ова навистина обилно мени беа тестенините од оризово брашно со зеленчук и телешко месо. На нашата забелешка дека секое од јадењата има месо, шеф Хуонг Нгуен ни кажа дека е тоа специфично за виетнамската кујна во која освен многу свеж зеленчук најчесто секое јадење содржи и мали количини месо.

И менито не би било комплетно ако не заврши со десерт. Десертот, се разбира, повторно во духот на виетнамската кујна: Пржена банана со кокосово млеко и сладолед.

И на крајот, после тричасовниот оброк, не преостанува друго освен да си легнете со полн стомак и со идеја следните денови да се обидете да зготвите нешто од пробаното. Доаѓа викенд, вистинско време за нови експерименти во  вашата кујна.

Текст: Драгица Христова

 

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here