Во кои земји живеат и што јадат стогодишниците?

Дали некогаш сте се запрашале во кој дел од светот луѓето живеат најдолго? И која е нивната тајна?

0
1025

Потрагата по вечен живот и еликсир на младоста ги преокупира луѓето од памтивек, а конечен одговор на тоа прашање и понатаму немаме. Затоа со толкав интерес ги гледаме најстарите луѓе на светот, обидувајќи се да ги откријат нивните навики и да ги идентифицираат оние кои се заслужни за секој троцифрен роденден. Ако некогаш сте се запрашале каде живеат најмногу супер-стогодишници и на што можат да му бидат благодарни за својата долговечност, порталот Why Am I Unhealthy нуди одговори на овие прашања.

Кавказ

Популарната култура вели дека во овој дел од светот не е необично доживувањето на 150 години старост. Географското подрачје помеѓу Европа и Азија било дом и на најдолговечниот човек на светот – Ширали Муслимов од Азербејџан доживеал дури 168 години. Иако неговата возраст подоцна е често преиспитувана, тој тврдел дека „кога еднаш ќе дојдете до оваа возраст, 20 или 30 години не прават некоја разлика“.

Муслимов бил фармер и овчар, промотор на активен стил на живот кој тврдел дека „безработицата доведува до смрт“. Не пиел, ниту пак пушел, а јадел само тоа што му било потребно.

Уште еден документиран случај е Кафаф Лазурија, абхазиска жена која доживеала 130 години, и Забани Какимова, жена од чеченските планини која доживеала импресивни 124 години.

Која е тајната на овие супер-стогодишници? Повеќето од нив својата долговечност ѝ ја препишува на тешката работа, животот во чиста средина и на едноставната, но здрава исхрана. Сите јаделе зеленчук одгледан во сопствените градини, без хемикалии и пестициди. Кефирот е исто така вообичаена намирница во овој дел од светот, направен од ферментирано козјо млеко и богат со белковини, калциум, антиоксиданси и полисахариди, сложени јагленохидрати кои се извонреден извор на енергија. Некои од овие стогодишници секој ден пиеле сок од бела црница – oваа билка се користи за спречување на срцевите болести затоа што е природен антикоагуланс, а покрај тоа, преполна е со витамин Ц, антиоксиданси, железо и други минерали. И на крајот, семејната анамнеза може да биде уште еден фактор кој влијае на долговечноста- таткото и братот на Муслимов живееле подолго од 110 години.

Јапонија

Многу стогодишници потекнуваат од Јапонија. Шигечијо Изуми доживеал 105 години, Нива Кавамото – 113, а Тане Икаи и Камато Хонго дотуркале до 116 години. Како и Ширали Муслимов, гопоѓа Хонго никогаш не пушела, а нејзината исхрана се базирала на растителни протеини. Сите овие супер- стогодишници консумирале производи од соја, и исто како и нивните кавкаски колеги, напорно работеле и биле физички активни во текот на целиот живот.

Бразил

Мариа Гомес Валентим од Бразил доживеала 114 години. Целиот свој живот го поминала во гратчето Карангол кое го карактеризира свеж планински воздух во текот на целата година. Иако госпоѓата Гомес повремено уживала во чаша вино, главнината во нејзината исхрана била со растително потекло со додавање на семки од лен, едни од најдобрите извори на омега-3 масни киселини во природата.

Мариа Луцимар Переира, исто така моментално ужива во 121.година од животот. Госпоѓа Переира од секогаш живеела во амазонската прашума и редовно јаде некои од супер-намирниците достапни директно од природата, како маниока и акаи бобинки. Месо консумира само во мали количини, а тврди дека не јаде рафинирани шеќери и соли.

Северна Америка

Се смета дека САД имаат најголем број стогодишниц. Елизабет Болден умрела на возраст од 116 години, а Сара Кнаус ја надживеала за три години.

Госпоѓа Болден имала разновидна и добро избалансирана исхрана која вклучува сѐ, од свинско и риба до овошје и слатки. Сара Кнаус била позната љубителка на чоколадо и индиски оревчиња.

Но може ли да се утврди дека самата исхрана е клуч за нивните долговечни животи? Битно е да се напомене дека овие жени живееле во рурални, мирни делови од земјата, како што се Тенеси и Пенсилванија кадешто надворешните фактори  придонесле за нивната долговечност.

И натаму, во Северна Америка, Канада е дом на Мари Луиз Милиер која умрела на возраст од 117 години. Таа била вегетаријанка, оброците ги зачинувала со маслиново масло и уживала во повремени деликатеси како вино или чоколадо. Но нејзината долговечност не е само резултат на вегетаријанската исхрана – била физички активна и после 100.роденден, со велосипедизмот како омилен спорт. Да биде работата уште поинтригантна, таа била страстен пушач сѐ до 90.година од животот.

Планинските села на Андите и Алпите

Мариа Естер Каповила од Еквадор доживеала 116 години. Била противник на алкохолот и пушењето, а имала и балансирана исхрана во која биле многу застапени мешунките, пилешкото и кафето.

Еднакво интересен случај е оној на
Жан Калмент, Французинката која доживеала 122 година. Жан Калмент уживала во чоколадо, што го балансирала водејќи активен живот, играјќи тенис, мечувајќи и возејќи велосипед.

И на крајот на краиштата, можеби чоколадото е неправедно обвинето како виновник – токму темното чоколадо богато со антиоксиданси го намалува нивото на холестеролот и содржи многу мононезаситени масти, исто така познати и како „здрави“ масти.

Едвадор е дом на „долината на долговечноста“ во закрилата на Андите, а Арлес, родно место на Жан Калмент граничи со француските Алпи. Се чини дека мирнотоопкружување без загадување,во комбинација со здравата исхрана и телесната активност, е клуч за долг живот.

Но што велат стручњаците?

Ефектот на медитеранската исхрана

Грчката научничка Антониа Трихополу од Атинското школо за Медицина спровела истражување од големи размери со цел воспоставување на врска помеѓу традиционалната медитеранска исхрана и зголемената долговечност. Истражувањето ги идентифицирало клучните карактеристики на медитеранската исхрана: висока потрошувачка на маслиново масло, овошје, зеленчук и мешунки како и ниска потрошувачка на месо и млечни производи. Маслиновото масло е надалеку познато по своите корисни својства – многу студии потврдуваат дека континуираната консумација на ова „течно злато“ помага во превенцијата на многу болести, како што е коронарната болест на срцето, а со тоа придонесува за подолг и поздрав животен век.

По оригиналната студија во Грција, истражувањата се исто така реплицирани и во Данска, Австралија и Шпанија помеѓу повозрасни лица кои ги следеле принципите на медитеранската исхрана. Австралиската студија дала особено значајни резултати. Имено, следбениците на медитеранската исхрана имале 17 отсто помала смртност во споредба со оние кои имале други прехранбени навики. Исто така, повозрасните лица кои поголемиот дел од животот се придржувале до медитераснската исхрана во шпанската студија покажалe намалување на смртноста од 31 отсто.

Што јаделе точно луѓето од студијата? Веќе споменатото маслиново масло, освен што користи за превенција од срцеви болести, исто така помага во намалувањето на ризикот од развој на остеопороза и дијабетес. Освен тоа, нивната исхрана богата со зелен лиснат зеленчук како што се спанаќот, блитвата, шпарогите и зелката, познати по флавоноидите кои се силни антиоксиданси. Виното е исто така добар извор на флавоноиди, а медитеранските земји се познати по уживањето во чаша вино со секој оброк. Испитаниците исто така консумирале големи количини свежо овошје, чија редовна консумација докажано го намалува ризикот од рак.

Врз основа на собраните податоци, студиите претставиле прехранбена пирамида за која се смета дека придонесува за долговечност. На врвот од пирамидата се производите кои треба да се консумираат на месечна/неделна база. Тоа се животинските производи како месото, јајцата и рибата. Рафинираните слатки исто така спаѓаат во оваа категорија. На дното од пирамидата се наоѓаат прехранбените производи кои би требало да се консумираат секој ден, како мешунките, зеленчукот, овошјето и целовитите житарки. Готвењето со маслиново масло, намалениот внес на сол, умереното вежбање и многу вода се дополнителни совети кои помагаат во постигнувањето на долг и здрав живот.

Фото: Pexels