Време е за еден од најубавите домашни мармалади

Се разбира, мислиме на оној од кајсии. И годинава кајсиите се ефтини и ги има во изобилие па е навистина штета да не се направат барем неколку тегли

0
97

Прво одете и наберете ако имате од каде, а ако немате, ќе си купите од пазар. Дури и на пазарот во Тафталиџе кој е еден од најскапите во градот, тие годинава можат да се купат по 40 денари за килограм. Ако одите до Битпазар или до Зелен пазар, ќе ги најдете и за 30 денари.

Би требало да се зрели и помеки, ама нашите не беа баш такви. Затоа, и пуштија малку повеќе течност и мармаладот излезе покисел ама и тоа не е страшно.

Земете околу 3 килограми кајсии и ставете околу 600 грама шеќер. Не ви треба многу благ мармалад затоа што не е здраво да се јаде многу шеќер, а и многу е повкусен кога е киселкаст. Наместо благото да ве „утепа“, ќе ве освежи.

Измијте ги убаво кајсиите, преполовете ги и извадете ги семкитe. Ставете ги во подлабока тепсија или тенџере и ставете ги во рерна загреана на 150 степени. Откако ќе пуштат вода, извадете ги и додадете го шеќерот, па вратете ги во рерна.

Доволно е да се вари околу 45 минути, а ако и има се уште вода, имаме решение. Разматете малку желатин со вода и оставете да набабри па додадете во мармаладот. Измешајте и оставете го малку да се подизлади.

Потоа наполнете ги теглите, потпечете ги во рерна загреана на 50 степени, затворете и готови сте!