Време е за ореовка

Деновиве е „последниот воз“ да си наберете зелени оревчиња и да направите лек за штитната жлезда, за проблемите со варењето, или само за да можете подоцна да уживате со чашка ликер.

0
887

Ракијата од зелени ореви, таканаречената Ореовка, е стар народен лек за проблемите со штитната жлезда, за проблемите со варењето, но и за добро расположение. Ја правеле нашите баби, заедно со уште некои други варијанти на ликери, како што е вишновката. Мајка ми ни ги нудеше мене и на моите другарки секогаш кога некоја од нас ќе раскинеше со дечкото или ќе имаше некој друг „сериозен“ проблем. И навистина делуваше!
Начинот на правење е ист – за едно шише или тегла од 1 до 1,5 кг, ви требаат 40 зелени оревчиња или 40 убави, големи вишни, 1 литар домашна ракија и 300-500 г шеќер (може и кафеав шеќер или мед, иако медот ќе го смени вкусот, па ќе излезе нешто како медовача од ореви, што и не е лоша варијанта).

Значи, прво треба да се прошетате некаде во природа и да наберете најмалку 40 оревчиња (ние бевме во манастирот Св.Никита на Скопска Црна Гора, а на патот дотаму има ореви колку сакате).
Оревчињата треба да се измијат, да се исушат и да се засечат на неколку места (ако се поголеми, може и да се исечат на пола).
Ги ставате во шише со широк отвор или во голема тегла, додавате шеќер и полните со ракија. Се затвара и се остава 40 дена на сонце. Потоа треба да ја исцедите ракијата во друго шише и добро е секое утро да си пиете по една мала чашка. Можете да се напиете и после ручек…мислам, ако сте баш мераклија…или имате проблем со варењето на храната. Помага и за едно, и за друго, и за трето…
Уживајте!

Драгица Христова

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

eighteen − 7 =