„Жуто комбе“ – зелен рај и одмор од секојдневното лудило

На влезот од селото Бардовци деновиве се отвори ново место, впрочем, единствен организиран простор во ова село во кое освен староседелци, последниве години се доселија и голем број луѓе од градот. Станува збор за крчма која освен по чудното име, од останатите се разликува и со инвентарот, изработен со реставрирање на стари дотраени парчиња од дрвена граѓа, но и со 40 новонасадени овошки, детското катче и начинот на кој таму ќе го решаваат проблемот со отпадот од храна.

0
2450

Кај нас кога ќе се каже „жуто“ (по скопски), или жолто (на литературен македонски јазик), на сите веднаш им се јавуваат асоцијации за тајни служби и, се разбира – за „Бардовци“. Деновиве многу се најавуваше отворањето на крчмата „Жуто комбе“ на самиот влез во селото Бардовци, па отидовме таму да видиме за што станува збор.

Само што што го поминавме археолошкиот локалитет на античкиот град Скупи во близина на Бардовци и свртевме кон селото, здогледавме интересна зелена дрвена табла на која со силна жолта (жута) боја пишуваше: Крчма „Жуто комбе“, а пред крчмата стоеше паркирано едно жолто комбе.

Набрзо се појави сопственикот на ова ново место на само 11 километри од центарот на Скопје, Пане Темов, инаку, сопственик на Првата македонска крафт-пиварница “Темов“ и на  Пивницата „Стар град“, сместена во Старата скопска чаршија.

Го прашавме зошто токму името „Жуто комбе“, а тој искрено ни одговори: „Иако нам на повозрасните тоа ни е синоним за нешто што отстапува од нормалноста, ова место го замислив токму како место кадешто сите ние кои сме полудени од секојдневниот стрес, од трчање по обврските, ќе можеме да се изрелаксираме, да здивнеме, да земеме душа, да најдеме мир и спокој, да слушнеме како птиците пејат, а петлите кукурикаат, да каснеме некое домаќински зготвено јадење, или пак да фрлиме мевце на жар, да каснеме вкусно козјо сирење и да се напиеме домашно пиво.

Идејата да отворам крчма во Бардовци дојде сосема случајно, поточно на предлог на еден мој пријател кој ми кажа дека во селото има околу 1200-1500 куќи, а немаат ниту едно место кадешто можат да седнат да се напијат кафе, пиво, да каснат нешто. И така, дојдов тука, го најдов ова место на влезот од селото кадешто претходно имало бурекџилница, а пред тоа маркет и кадешто жителите се собирале на пиво под стариот орев и веднаш сфатив дека е ова вистинското место. Се разбира, сосема го преуредивме и го претворивме во вистински зелен рај“.

И навистина, кога ќе седнете, не ви се станува, зеленило насекаде наоколу и чист поглед на Водно, поглед кој не ви го попречува ниту една зграда, а отспротива, во дворот на соседот од другата страна на улицата, горделиво шета еден огромен ној, мафта со крилјата и како да не поздравува.

Она што е најинтересно и по што ова место се разликува од сите други е тоа што сѐ тука, целиот инвентар, заедно со оградата, дрвените клупи, маси, рачно изработените фирми (од истиот мајстор кој го изработи и натписот на пивницата во скопската чаршија-скулпторот Горазд Христов) е изработено од стари материјали, реставрирано, реупотребено. И сѐ е толку убаво, зелено, чисто, природно.

Освен што Темов никогаш не го фрла стариот истрошен инвентар, туку го реставрира, во неговиот нов локален ресторан нема да се фрла ниту храна.

„Сѐ што гостите нема да изедат, ќе мораат да си го земат со себе или пак ние ќе му го донираме на некој локален фармер, како храна за животните. Така никој нема да има штета, напротив, сите ќе бидеме во добивка, и ние луѓето, и животните и планетата“, вели Пане.

Она што е интересно тука е и детското катче наменето за најмладите на кои тој не може да не мисли со оглед на тоа што и самиот е родител на 4 деца и точно знае што им треба на децата за да не им биде здодевно додека нивните родители земаат душа. Направиле детско катче со песок по кој се расфрлани омилените детски алатки, а долж дрвената ограда засадиле 40 најразлични овошки, круши, праски, кајсии, цреши, вишни, кои, како што вели, ги наменил повторно за децата, и за оние од другата страна на оградата, кои ќе можат да уживаат „крадејќи“ зелени кајсии и цреши.

„Тука крадците нема да мораат да бегаат, туку ќе можат на мир да си берат. Можеби нема да им е толку возбудливо како нам кога бевме деца, ама ќе им биде вкусно“, се смее тој.

Инаку, Темов е еден од ретките кафанџии кој е жесток противник на пушењето. Секако, тоа не значи дека во оваа зелена рајска градина нема да биде дозволено пушење, но неговите најблиски пријатели, а особено неговите и туѓите деца, нема да ги поштеди од зборување за штетноста на цигарите.

„Јас бев пушач и знам што зборувам. Со цигарите нема друго, освен да ги оставиш, само проблемот е дали ќе го направиш тоа на време или кога веќе ќе биде доцна. Во Канада или во Америка, а особено во Северна Америка, нема шанси да пушиш додека седиш некаде, па макар и на отворено, а ако излезеш од ресторанот за пушење, ќе те гледаат како да си неарен. Додека пушиме не размислуваме подлабоко, колку сериозен проблем е пушењето и што се случува во организмот кога пушиш, пред сѐ, си ги уништуваш рецепторите за вкус, па не можеш да ја почувствуваш, ниту да уживаш во храната, а устата ти смрди како пепелник. Да не зборуваме пак што ни се случува во организмот, во нашите бели дробови и срцето. Не ми пречи кога некој пуши заради мене, но искрено ми е жал за тие што пушат, а особено за моите блиски“, вели тој.

Во меѓувреме, пред крчмата застанува трактор, а од него слегуваат двајца мажи и влегуваат во градината, седнуваат токму под стариот орев, на старото место на кое жителите од селото пиеле пиво. А кога ќе го пробаат домашното пиво, друго нема да посакаат.

Тука ќе се служи и салата од најпознатиот производ во село Бардовци, а тоа е зелката, но и цвекло и репка. Пане е приврзаник на здравиот начин на исхрана, па на крајот од разговорот го сподели со нас и рецептот за својата омилена салата – авокадо, целер и магдонос, зачинети со маслиново масло и домашен оцет од јаболки.

Е да, уште нешто. Тука ништо не се подготвува со палмино масло. Со неговата употреба престанал во истиот момент кога слушнал колку е штетно.

„Во моите ресторани јадат моите пријатели и моите деца, мојата фамилија и јас, такашто во нив буквално сѐ што подготвуваме е подготвено како за нас. Мора сите да размислуваме на овој начин и да не правиме ништо што не би го јаделе и самите ако сакаме да биде добро“, порачува Темов.

Патем, на само 300 метри од крчмата „Жуто комбе“ има голем паркинг па секој што има намера да дојде не треба да се плаши дека нема да има каде да го остави својот автомобил.

Фото: PS visualart