Ако не јадете јајца, јадете ленено семе

Само една лажичка лен ви дава 20 отсто од препорачаната дневна количина на растителни влакна. Притоа, тој содржи посебни влакна, т.н. лигнани за кои се знае дека имаат антиканцероген ефект. За оние кои постат или не консумираат јајца, добра вест е што ленот може да послужи како замена за нив во колачите, палачинките, пецивата и во други јадења.

0
229

Лененото семе е намирница која е повеќе од препорачливо да се воведе во секојдневната исхрана. Тој е одличен растителен извор на омега 3 масни киселини. Повеќе истражувања покажале дека омега 3 масните киселини придонесуваат за намалување на воспаленијата во организмот, а исто така имаат и многу поволно влијание на здравјето на коските, срцето и мозокот. Освен тоа, мастите даваат чувство на ситост, па ако додадете лажица ленено семе во својата утринска каша или смути, ќе бидете сити многу подолго време.

Сепак, за да може хранливите материи на ленот да се искористат, неопходно е да се сомеле. Лененото семе има многу тврда обвивка, па ако само додадете ленено семе во било кој оброк, тоа само ќе помине низ органите за варење несварено. Затоа морате преходно барем кратко да го сомелете и да го употребите веднаш, затоа што многу брзо оксидира. Ако купувате мелено ленено семе, тогаш внимавајте да биде во специјално пакување кое спречува оксидација.

Ленот е посебен и на уште еден начин. Само една лажичка лен ви дава 20 отсто од препорачаната дневна количина на растителни влакна. Притоа, содржи посебни влакна, т.н. лигнани за кои се знае дека имаат антиканцероген ефект.

За оние кои постат или не консумираат јајца, добра вест е што ленот може да послужи како целосно соодветна замена за јајца во колачите, палачинките, пецивата и во други јадења.

За да добиете замена за едно јајце, помешајте лажица мелен лен со три лажици вода. После 10 минути, ленот ќе стане желатинозен, такашто по конзистенцијата ќе потсетува на јајце и ќе можете и натаму да го користите во рецептите наместо јајца. Уште една добра работа е што ова „ленено јајце“ има наполу помалку калории од обичното јајце, такашто и тоа што ќе го подготвите со лен наместо со јајце ќе има помалку калории.

Кога ленот ќе го оставите потопен пократко време во течност, тој набабрува, што придонесува за чувството на ситост кога ќе го изедете. Освен тоа, потопениот лен станува слузав  и во комбинација со влакната кои ги содржи, има благ лаксативен ефект, што е исто така добра работа.

Фото: Pixabay