Ако почнувате тридневен пост, добро е да знаете што ќе се случува во вашиот организам

Освен што нема да знаете што да правите со себе со оглед на тоа што нема да пиете ниту утринско кафе, ниту топла лимонада или барем чаша вода, а камоли мусли со јогурт и ќе се чувствувате слично како кога сте се откажувале од пушење (доколку сте бивши пушач), еве што уште ќе се случува во вашиот организам... Се разбира, ако не внесувате храна и вода подолго од 3 дена

0
1296

Оние кои некогаш пушеле, а потоа се откажале, многу добро знаат колку бесмислено изгледаат сите денови, недели, месеци, па дури и години, откако решиле да им кажат НЕ на цигарите. Пијат кафе без цигара, јадат без потоа да запалат цигара, па нивниот оброк им изгледа како да нема никаков смисол ако не следува задоволното палење цигара, па дури и средбите со пријателите ви се бесмислени ако притоа не запалите некое цигарче, а и муабетот некако не ви оди.

Слично е чувството кога ќе се решите на тридневниот пост (Тримери), со кој почнуваат Велигденските пости. Уште утрото на Чист Понеделник, кој е и прв ден од тридневниот пост, сфаќате колку голем дел од вашиот живот се сите оние мали утрински ритуали – макар тоа била само чаша вода, евентуално, лимон со вода, лажичка мед и утринско кафе, а да не зборуваме за оние кои се навикнати и редовно да појадуваат. За време на Тримери, нема ништо од тоа. Станувате и се фаќате за работа и за молитва или обратно. Трето нема.

А кога се поставува прашањето за тоа што се случува во организмот и колку може човек да преживее без храна и вода, експертите велат: човекот може да живее три недели без храна и три дена без вода. Без воздух може само 3 минути, а без сон, велат, 3-4 дена, иако некои издржале и повеќе. Добрата вест е што дишењето и спиењето за време на постот се дозволени.

Настрана шегата, еве неколку информации за тоа што се случува во вашиот организам кога не внесувате храна и вода.

Живот без храна

Колку време му е потребно на човекот за да изгладни до смрт зависи и од општата здравствена состојба, возраста и резервите на телесни масти. Обично кај возрасните тоа е од 8-12 недели, а постојат случаи што преживеале и до 25 недели без храна. Прегладнетиот човек е помалку чувствителен на жед, па понекогаш смртта е и последица од ефектите на дехидратација. Исто така, слабее и имунолошкиот систем, има дефицит на витамини, а честопати причината е срцев удар.

Живот без вода

Водата е од суштинско значење за животот. Според возраста, родот  тежината ние се состоиме од 60-65% вода која се користи за варење на храната, носење на кислородот, отстранување и слично. Ако не внесувате вода во организмот, првин доаѓа жедта кога ќе изгубите 2% од тежината. Потоа се исклучува бубрегот, се намалува потребата за уринирање, кожата е сува, а се јавува и сува кашлица. Киселоста во желудникот е зголемена, јазикот отекува, а очите и мозокот се намалуваат. Дехидратацијата води до халуцинации, напади и кома. Смртта може да биде поради откажување на црниот дроб, бубрезите или срцето.
Постојат записи дека може да се живее и до една недела и повеќе без вода. Сепак, не ви препорачуваме да експериментирате.

Заклучок: Ако постите за Тримери, дефинитивно нема да умрете, но не се надевајте дека ќе бидете ногу ефикасни во извршувањето на секојдневните работни обврски, особено вториот и третиот ден од постот. Имено, ќе почувствувате дека ви опаѓа концентрацијата, па можеби овие два дена не треба да си задавате премногу обврски. Доколку вашите причини за овој пост се религиозни, а не само за да го прочистите организмот или за да ослабнете, тогаш веројатно е најдобро да се молите и порано да си легнувате.

Фото: Pixabay