Ако решивте да постите 40 дена…

Ако сакате да постите, а досега не сте го направиле тоа, не се грижете, нема да останете гладни. Правете ќофтиња од леќа, просо, булгур или нешто слично, намази од мелени ореви, хумус, маслинки, супи од зеленчук, суво овошје, јаткасти плодови,...

0
423

Божикниот пост кој трае 40 дена, секоја година почнува на 28. ноември, а завршува на Бадник, 6. јануари.

Тој е втор по должина на траење, веднаш по велигденскиот, а во однос на „строгоста“, божикниот пост е „поблаг“, бидејќи дозволува користење вино, масло за јадење и риба. Секако, во одредени денови, се пости и на вода.

Целта на постот е да се „исчистат“ духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела. За време на божикниот пост, посни се и сите славски трпези.

Ако годинава за првпат сте решиле да постите и веќе сте исплашени дека нема да издржите, не се секирајте, бидејќи има еден куп посни рецепти.

Направете фалафел, ќофтиња со булгур, со просо, киноа, леќа или нешто слично, а во деновите на пост на вода, не мора да јадете блуткави салати без вкус, направете прелив од посни состојки кои можете да го користите за зачинување на сите салати.

За него ви се потребни:
2 лажици таан
1 лажица сенф
Млака превриена вода
Малку сок од лимон
Сол по вкус

Состојките за преливот убаво се мешаат додека да се добие изедначена смеса и се посолува по вкус. Може да се додаде ситно сечкано младо или старо лукче или кромитче, а наместо сок од лимон може да се додаде оцет. Исто така, понекогаш, односно, за одреден тип на салати (на пример за салата со компир) може наместо лимон да ставите 1-2 лажици доматно пире.

Можете да си правите и крем супа од брокула, од леќа, моркови и сок од портокал, супа од тиква, компир и јаболко, крем супа од тиква и леќа, и уште многу, многу други варијанти кои и ние ќе ги споделуваме со вас во претстојните денови.

Има и безброј рецепти за посни десерти за кои никогаш не би помислиле дека се посни. И многу едноставни, лесни и посни колачи со моркови, посен чоколаден колач со вишни, колач од рогач и јаболка, а наместо сето тоа, понекогаш е доволно и да испечете тиква или јаболки, да додадете мед и оревчиња и да уживате во овие убави вкусови.

Значи, ако почнавте, не се обесхрабрувајте, ќе видите дека вашето мени ќе биде поинтересно и покреативно од кога било досега.

Фото: Pixabay