Американска пита

Лилјана Соколовска, готвачка и менаџер во американската резиденција во Скопје, во претпразнично расположение за читателите на „Арт кујна“ приготви  две традиционални американски пити. Едната, со остатоци од мисирката која Американците традиционално ја подготвуваат за Новогодишните празници, а другата, онаа најпознатата - питата со јаболки.

0
611

Како студентка на Економскиот факултет, Лилјана Соколовска им била гувернанта на децата на првиот американски амбасадор во Македонија, Кристофер Хил. Готвачот кој во тоа време работел во резиденцијата не знаел англиски па Лиле преведувала за него, а во меѓувреме често им правела колачи на децата за да ги убеди да си ги пишуваат домашните задачи.

Кога дошло време во резиденцијата да вработат готвач, ѝ ја понудиле оваа функција. Во тоа време знаела да готви само македонски јадења, но не ја одбила понудата. Напротив, почнала да се обучува. Била на обука во Копенхаген, а потоа и кај двајца познати американски готвачи, Дејвид Бонам, кој бил готвач кај Бил Клинтон и Кевин Збрага, готвач кој има синџир ресторани во Америка. Во меѓувреме го завршила и факултетот по финансиски менаџмент.

Оттогаш, цели 23 години Лиле е менаџер и шеф на американската резиденција во Скопје и досега пречекала и испратила 6 амбасадори и 2 амбасадорки.

За Божиќните празници за кои, како што вели, Американците традиционално приготвуваат мисирка, пире од сладок или од обичен компир, печени зеленчуци и американски пити, од тиква, од јаболка, од американски орев-пекан и од јаворов сируп, таа ни ја направи најпознатата – apple pie, но и солена варијанта каква што Американците обично прават во деновите по Божиќ, од остатоците од мисирката.

Рецепт за американска пита

За тестото:

250 г ладен путер

350 г брашно

1/8 лажичка сол

6-8 супени лажици ладна вода

Приготвување:

Во длабок сад се ставаат брашното, солта и ладниот путер исечен на коцки. Се мешаат во трошлива смеса на која и се додава студена вода по потреба, 6 до 8 лажици, се формира тесто кое се дели на две плочки. Се завиткуваат во проѕирна фолија и се оставаат минимум 2 часа во фрижидер. Потоа, од секое парче се сука кора дебела околу 5 мм. Долната се става цела во подмачкано тавче, потоа се додава филот, а горната кора може да се исече на ленти и да се сплете или да се направат други форми.

Фил за питата со мисирка:

Во 3 лажици путер се пржи 1 ситно исечкан кромид, 2 моркови, 2 стапчиња целер, 150 г шампињони, 2 компири. Се динстаат, додека не омекнат и се тргаат на страна. Во истото тенџере се ставаат 3 лажици путер и се пропржуваат 3 лажици брашно, па се додаваат 3 шолји бујон од мисирка и се добива каша во која се додаваат 2 шолји од 250 мл со исечкано месо од мисирка, 1 лажиче оригано, сол и црн пипер и 3 лажички исечкан свеж магдонос. Се остава да врие околу 20 минути додека не се згусне а откако ќе се олади се истура врз првата кора, се поклопува со втората, се спојуваат краевите и се прават одозгора неколку дупчиња со нож.

Фил за питата со јаболка:

Во еден сад се мешаат 100 г шеќер, 100 г кафеав шеќер, 3 лажици брашно, 1 лажиче цимет, прстофат ѓумбир, прстофат морско оревче, 2 лажици стопен путер. Се додаваат исечените јаболка попрскани со сок од пола лимон и се меша сѐ заедно.

Филот се става врз долната кора, потоа врз неа се ставаат лентите од втората кора и се плетат по желба. Се премачкува со изматена белка и се попрскува со ванилин шеќер.

Двете пити се печат по 15 минути на 220 степени, а потоа температурата се намалува на 175 степени и се печат уште 30 до 40 минути.

Фото: Стефани Христов