Ананасот ги зајакнува имунитетот и коските, го подобрува варењето, но сепак треба да се внимава колку се консумира

Состојката по која ананасот е единствен е бромелаинот, ензим кој учествува во разградување на протеините и во намалување на воспалението во телото и претераното згрутчување на крвта, добар е за коските, ја намалува слузта во носот и грлото.

0
313

Пријатно сладок и полн со витамини, ензими и антиоксиданси, ананасот е тропско овошје, потекнува од Јужна Америка, омилен е во целиот свет, и да беше малку попрактичен за консумирање, којзнае, можеби да ја надминеше популарноста на бананата и јаболкото. Благодарение на неговите вредни состојки, ананасот, меѓу другото, помага во зајакнување на имунитетниот систем, помага во градењето на цврсти коски и го поттикнува варењето на храната, а покрај тоа е нискокалоричен, и покрај неговиот многу сладок вкус.

Уникатен по структура и состав

Според американската нутриционистка Лора Флорес, неговите здравствени придобивки се исто толку интересни како и неговата уникатна градба.

„Ананасот содржи големи количини на витамин Ц, важен за антиоксидантната одбрана на организмот. Исто така, содржи манган, диетални влакна, многу корисен ензим бромелаин и тиамин (витамин Б1), кој е важен во производството на енергија. Исто така, содржи калциум и калиум“, вели таа. Не содржи маснотии, содржи многу малку натриум. Сладок е, па јасно е дека содржи шеќер – околу 14 грама по порција (чаша излупен и исечен ананас, 165 грама). Но, тој е малку калоричен, па во наведената количина има само 74 калории. Ако преферирате конзервиран наместо свеж ананас, имајте на ум дека содржи повеќе шеќер и повеќе калории, а помалку витамини и минерали. Обидете се да ги купите оние без додаден шеќер или оние кои се во нивниот сок, а не во сируп.

Здравствени придобивки

Ананасот содржи значителни количини на витамин Ц (100 грама овошје содржи околу 48 мг од овој витамин, што е скоро две третини од дневната потреба), антиоксиданс растворлив во вода што спречува оштетување на клетките. Затоа витаминот Ц е корисен, на пример, за здравјето на срцето и добрата подвижност на зглобовите без болка. Благодарение на поголемите количини на витамин Ц и други антиоксиданти, ананасот може да помогне да се намали ризикот од развој на дегенерација на макулата, болест што влијае на централниот дел на мрежницата. Ова тропско овошје може да помогне во одржување на добро држење и цврсти коски. Чаша ананас содржи 2,6 мг манган, минерал важен за развој на силни коски и сврзно ткиво. Манганот, заедно со другите минерали во трагови, може да помогне во спречување на развој на остеопороза кај жените во менопауза. Влакната од ананасот и од друго овошје и зеленчук, според клиниката Мајо, се клучни за одржување на редовно варење и за здравјето на цревата.

Она што го прави бромелаинот посебен

Состојката што го прави ананасот уникатен меѓу намирниците е ензимот бромелаин, кој учествува во разградување на протеините, со што го олеснува варењето, според Американското здружение за рак. Неколку студии сугерираат дека бромелаинот може да биде корисен за лекување на остеоартритис. Бромелаинот исто така го намалува воспалението во телото, а тоа прекумерно воспаление често се поврзува со рак. Според Центарот за карцином Memorial Sloan Kettering во Њујорк, студии врз животни покажале дека бромелаинот и другите протеолитички ензими (оние што ги разградуваат протеините) се поврзани со зголемена стапка на преживување кај разни видови на карцином. Благодарение на високото ниво на бромелаин, вели нутриционистката Флорес, ананасот може да помогне во намалување на прекумерното згрутчување на крвта. Затоа, ананасот е добра закуска за оние кои често летаат со авион и други луѓе изложени на ризик од згрутчување на крвта. Бромелаин може да биде корисен и за настинки, или против формирање на прекумерна слуз во носот и грлото, според истражувањето спроведено на Медицинскиот центар на Универзитетот во Мериленд.

На што треба да се внимава

Ананасот значително го омекнува ткивото, па доколку се консумира во големи количини, може да предизвика чувствителност на устата, вклучувајќи ги усните, јазикот и внатрешноста на образите. Ова треба да помине самостојно по неколку часа, но ако чувството продолжи или се појави чешање или отежнато дишење, побарајте лекарска помош бидејќи тоа се знаци на алергија, предупредува нутриционистката Флорес. На некои луѓе може да им пречи и голема количина на витамин Ц од ананасот, што може да предизвика дијареја, гадење, повраќање, болки во стомакот или киселини кај почувствителните луѓе. Исклучително високи количини на бромелаин, исто така, можат да предизвикаат некои несакани ефекти, па затоа Универзитетот во Мериленд известува за можна појава на осип, повраќање и дијареја, како и зголемено менструално крварење. Во разумни количини, не се очекуваат никакви последици. Бромелаинот може да влезе во интеракција со некои видови лекови. Луѓето кои земаат антибиотици, антикоагуланси, разредувачи на крв, антиепилептици, бензодиазепини, лекови против несоница и анти-депресиви треба да се ограничат на мали количини ананас.

Кората е отровна

Јадењето ананас заедно со кората или иситнување во сок заедно со кората е опасно за здравјето. Според одделот за хортикултура на Универзитетот Пурдју, кората од ананас не само што не се јаде, туку е и токсична за луѓето – го иритира грлото и делува како многу силен пургатив што предизвикува силна дијареја и повраќање. Јадрото може да се јаде, но со претпазливост. Тврдото јадро што се протега по целата должина на овошјето обично се фрла, но е јадлива, па дури е и побогата со витамин Ц, влакна и бромелаин од месото на овошјето, но исто така е и забележливо погорчлива. Најпрактично е да го исецкате со други состојки во пијалак. Не претерувајте со консумација на јадрото, бидејќи тоа може да предизвика формирање на неразварени или делумно сварени влакнести топчиња во дигестивниот тракт.

Како да излупите ананас

Можеме да јадеме ананас цела година. Купете свеж плод, а тоа значи дека неговите лисја се зелени и кората е цврста, без оштетувања и потемни делови. Не треба да биде ниту премногу лесен ниту премногу тежок за неговата големина, а мирисот треба да биде благ и сладок. На собна температура, неизлупениот ананас може да се чува два дена, а во фрижидер до пет дена. Можете да го исчистите и исечете на парчиња и да го чувате во фрижидер неколку дена во покриен сад, но задолжително прелијте го со сок од лимон. Постои посебен нож за вадење месо од ананас, нешто сличен на отворач за шишиња со плута, со кој ананасот ќе го исечете на прстени, но лесно можете да го исчистите и исечете и со обичен нож. Прво отсечете го горниот дел со лисјата со голем нож, а потоа ставете го овошјето со исечената страна во чинија и оставете го да отстои половина час – соковите ќе го проникнат целото овошје, бидејќи ананасот се чува со лисјата свртени нагоре , така соковите се акумулираат на дното. Потоа, со голем нож исечете ја кората од долната страна на овошјето, а потоа од сите страни, следејќи ја формата на овошјето. Откако ќе ја отстраните кората, исечете го на половина по должина, а потоа на четвртини. Потоа отстранете го јадрото со сечење под агол. Исечете ја секоја четвртина на парчиња, а потоа на коцки.

Фото: Pexels