Ајдов мед или на словенечки – мед од хељда

Ако и вие како мене не знаевте, да ви објаснам - Ајдов мед не е име на производителот, туку е мед од хељда. Па уште кога ќе ви го донесат спакуван во ваква амбалажа, може да ви биде само жал затоа што кај нас никој не го произведува. Причината е едноставна - во Македонија полињата со хељда се вистинска реткост

0
203

Хељдата е растение кое спаѓа во групата на таканаречени псевдожитарки, во која се и киноата и амарантот. Содржи многу протени, витамини, минерали и антиоксиданси поради што последниве години стана популарно во исхраната. Бидејќи не е житарка, не содржи глутен такашто е идеално за користење за сите што се чувствителни на глутен.

Но истовремено, со оглед на тоа што хељдата долго цвета (30 денови), таа е и едно од најмедоносните растенија. Медот од хељда е направен од пчели кои собираат и обработуваат нектар од цветот на хељдата, а резултатот е многу хранлив мед со продорен вкус и арома, во разни нијанси на темна боја. Всушност, овој мед е најтемен меѓу сите видови цветни медови и е полн со хранливи материи. Им се препорачува на слабокрвните и како исклучителна помош при кашлица. За олеснување на кашлицата се зема една лажичка мед пред спиење. Медот од хељда е сладок, но не како другите видови мед и е посличен на путер.

Сепак, основниот состав и нутрицинистичкиот состав на сите видови мед е речиси ист, а секој од нив е лековит. Секако, ова важи само ако медот е природен, а не лажен, какви што за жал денес многу ги има на пазарот.

Овој е од Словенија и освен што е органски, вкусен и лековит, Словенците го спакувале во убава амбалажа, па изгледа исто толку скапоцено однадвор, каков е што е и однатре, по својот состав и лековитите својства.