Баклава на квадрат

Нашата читателка Рада Живанова ни го испрати својот рецепт за баклавата што ја прави еднаш годишно, за именденот на својот сопруг (Стефан), па кога ја прави воопшто не штеди на материјал. Затоа, не се чудете за количината на состојките, а за вкусот, можеме само да претпоставуваме

0
175

Ова е рецептот кој нашата читателка Рада Живанова го прави по нејзино, само еднаш годишно, во чест на Свети Стефан. Затоа, вели, не штеди на материјал. Со време открила и дека не треба да се брза со печењето бидејќи е баклавата највкусна кога се пече долго, и на тивко.

Состојки:

1 кг кори

1 кг ореви, толчени во аван

1 рака шеќер

1 рака гриз

цимет по желба

За шербетот:

1.100 г шеќер

800 г вода

1 ванилин шеќер

сок од 1 лимон

Приготвување:

Оревите се толчат во аван, а потоа во нив се ставаат 1 рака шеќер, 1 рака гриз и цимет по желба. Се меша убаво.

Се ставаат во тепсијата најдолу 4 кори, и се става од филот. Потоа се става фил на секоја втора кора, а најгоре се ставаат повторно 4 кори. Се сече на баклави и се става да се пече. Се топи 1 путер во тенџере и му се додава 1 шолја зејтин. Со ова се полева исечената баклава и се става во загреана рерна. Трикот за оваа баклава на квадрат е во бавното печење на ниска температура. (Нашата читателка ја пече 3 часа на 150 степени.)

Шербетот, откако ќе проврие се остава да врие само 3 минути па топлата баклава која тукушто ќе ја извадите од рерна се прелива со врел шербет. За 15 минути го впива целиот шербет и можете да уживате.