Бидете дел од „Светски ден на Вранец” на 5 октомври

Второто издание на „Светски ден на Вранец“, ќе се одржи онлајн на 5 октомври и ќе биде достапно за сите. Настанот е во организација на Здружението „Вина од Македонија“, во соработка со производителите на оваа сорта од Македонија и од регионот.

0
93

Поради состојбата со Ковид-19, а со оглед на важноста на настанот за македонската и регионалната индустрија за вино, годинешното издание ќе биде организирано онлајн во форма на вебинар, кој ќе биде достапен за сите.

Целта на овој настан е да се потенцира важноста на локалните сорти, да се поддржат напорите на локалните винарии за зачувување на винскиот идентитет на Македонија и да се зајакне свеста на потрошувачите ширум светот за вината кои доаѓаат од Македонија. Светскиот ден на Вранец, исто така придонесува за зголемување на препознатливоста на Македонија како винска земја на меѓународно ниво.

„По минатогодишното прво издание на „Светски ден на Вранецот”,  оваа година имаме уште поголема одговорност. А целта останува иста, да ги позиционираме сортата Вранец и Светскиот ден на Вранецот рамо до рамо со најдобрите. Во последната деценија, трендот на славење на одредена сорта возврати со повеќе придобивки, а најзабележително е подобреното позиционирање и зголемената продажба на „прославените“ вина на меѓународни пазари.

Дефиниравме содржина што ќе придонесе за главната цел на овој настан. Многу познавачи на вино ќе го споделат своето искуство и знаење за оваа сорта, преку онлајн стриминг во живо и онлајн мастер предавања, панел дискусии и многу промотивни активности во регионот и ширум светот!“, велат од здружението Вина од Македонија

Настанот ќе се одржи на 5 октомври 2020 година, преку онлајн стриминг во живо, со интернационални експерти за вино од Велика Британија, САД, Германија, Холандија, Словенија.

За да ја погледнете агендата и да бидете дел од овогодинешното издание на „Светски ден на Вранец”, регистрирајте се бесплатно на следниот линк: https://www.vranecworldday.com/registration-for-vwd-2020/

Фото: Pixabay