Бискоти со аквафаба

Ако сакате посен колач, еве уште еден одличен предлог од кујната на Ситно сецкано

0
109

Бојана од Ситно сецкано од која неодамна го добивме, рецептот за веганските колачи со аквафаба, на својот блог има уште едно чудо интересни рецепти, а ние барајќи како уште може да се искористи течноста која останува од варење наут, го најдовме и овој рецепт за бискоти (бискоти се вкусни, мирисни, двојно печени колачи, нешто како двопек, ама многу подобро, совршени за потопување во чај, млеко или кафе).

Во овој рецепт аквафабата не се мати со миксер до цврст снег, само се меша кратко со таанот.

Состојки:

60 мл аквафаба
16 г таан
125 г брашно
45 г шеќер
1 кесичка ванилин шеќер
½ лажиче прашок за печиво
рендана кора од еден лимон
една шака сечкани суви кајсии, на мали коцки
2 шаки крупно сечкани бадеми
50 г темно чоколадо, исечкано

Приготвување:

Прво изматете ги аквафабата и таанот, со вилушка или рачна маталка.

Додадете ги брашното, шеќерот, ванилата, прашокот за печиво и ренданата кора од лимон. Измешајте сѐ додека не добиете густо тесто, па додадете ги сувите кајсии, бадемите и чоколатцата. Пробајте да ги измешате рамномерно во тестото без многу месење. Ако е тестото премногу суво, додадете лажица-две аквафаба.

Оформете го тестото во векна и ставете ја да се пече во тавче врз хартија за печење, во рерна загреана на 175°C околу 25-30 минути, или додека површината не се зарумени малку и векната изгледа цврста и испечена.

Оставете ја векната да се олади петнаесетина минути, па со запчест нож за леб исечете ја на кришки дебели околу 1-2 цм. легнете ги кришките во тавчето, врз хартијата за печење и повторно ставете ги да се печат уште 15-20 минути, додека не се стврднат.