Блу лагун – во домашни услови

Како и со скарата, кога станува збор за мешањето коктели, вкусот зависи не само од состојките, туку и од мајсторот. А секој коктел-мајстор си има свој рецепт. Ова е рецептот на нашиот читател Александар, за еден од најпопуларните коктели - Blue Lagoon.

0
295

Велат дека мешањето коктели, покрај вкусот, изгледот, убавите бои, малку алкохол и многу дружење, е посебна пасија која на многумина им станува главно хоби. Како и со скарата, вкусот зависи не само од состојките, туку и од мајсторот.

Нашиот читател, младиот Александар, се занимавал со правење коктели додека бил на ‘ворк анд травел’ во Америка, а по враќањето дома, мешањето коктели му станало пасија. Она што е важно кај коктелите е дека секој коктел-мајстор има свој рецепт, и ретко кој се придржува строго до оригиналниот рецепт иако секој тврди дека токму неговиот е оригинален. Затоа и вашите коктели не мора да бидат направени строго според рецептот, туку можете да ги правите како што сакате, посилни, послаби, пошарени, украсете ги со што сакате или направете ги во различни чаши (ако немате исти), па дури и во шолји, само не претерувајте со мешањето на алкохол.

Од тој аспект најдобри ви се оние коктели во кои не се мешаат повеќе од два алкохолни пијалаци. На пример, еден од најпопуларните коктели, вели Александар, е Blue Lagoon (Сина лагуна).

Лесно се прави, но за него ќе ви треба ликерот ‘Blue curacao’, кој содржи 20% алкохол и е препознатлив по својата прекрасна сина боја, поради што и вашиот коктел ќе изгледа по малку вонземски. Ликерот е направен од исушени лушпи од горчлив портокал од Куракао. Откако ќе го ставите во вашиот бар, ќе имате доволно за неколку коктел-забави со Blue Lagoon.

За коктелот, по оригиналниот рецепт, потребни се 30 мл вотка, 100 мл спрајт, 10 мл сок од лимон и за крај 10 мл од синиот куракао. Ова е прилично силна верзија, така што можете да ја разредите со малку повеќе спрајт. По рецептот на нашиот читател Александар пак, ви требаат:

2 ракиени чашки вотка, 1/2 ракиена чашка Блу куракао и наместо лимон – сок од пола лимета, а наместо спрајт – 1/2 чаша тоник. Се разбира, коктелите си бараат и многу мраз и некое парче лимета за украс и воала, изненадете ги своите пријатели на следната дружба летово!

Инаку, ние најдовме и рецепт за домашен ‘Блу куракао’.
За да го направите дома ќе ви требаат:

500 мл алкохол (на пример, вотка)
300 г сушена кора од грејпфрут и од портокал
30 г мелено морско оревче
3 г коријандер
0,5 г мелен цимет
2 каранфилчиња
100 г шеќерен сируп (100 г шеќер + 100 мл вода)
1 г сина прехранбена боја

Во голема стаклена тегла ставете ја кората од грејпрфут и портокал, морското оревче, коријандерот, циметот и каранфилчињата и прелијте ги со алкохолот. Затворете ја теглата и оставете ја 3 часа на топло место.

Потоа истурете внатре шеќерен сируп, додадете 1 грам сина боја и промешајте.
Затворете го капакот повторно и ставете го на темно место 10 дена.
Процедете низ газа и тоа е тоа, вашиот домашен ‘Блу куракао’ ликер е готов.

Подетално, постапката можете да ја видите во видеото долу.