Боби Лазарески: Истражувам, се едуцирам, готвам и снимам

Тој е дел од екипата на хотелот „Хилтон“ во Скопје кој според препораките на владата сега не работи па шеф Боби, како и целиот тим е дома, во самоизолација. Фокусиран е на својот нов јутјуб канал „spiced up kitchen“, готви и снима рецепти

0
591

„Според препораките на владата и во корист на здравјето на сите, нашиот хотел престана со работа па поради таа причина и препораките, останувам дома во самоизолација и гледам што поретко да излегувам, а тоа да биде само доколку е нешто итно или пак доколку ми требаат намирници за некој рецепт.

Имам доста слободно време периодов и тоа време гледам да го искористам за истражување на нови рецепти, за едукација за разни билки што се користат во исхраната и за нивното позитивно дејство.
Се фокусирам и на мојот нов јутјуб канал „spiced up kitchen“, кадешто со двајца мои драги пријатели започнавме да снимаме рецепти и секако, да ги споделуваме и на нашата фан страна на фејсбук.


Освен готвењето, времето најчесто ми поминува во дружба со фамилијата и со внуците, а по малку се занимавам и со садење на цвеќиња во дворот. Навечер се релаксирам со некој добар филм или со книга.

Морам да признаам дека ми недостасува одењето на работа, исполнетиот работен ден, предизвиците, колегите, меѓутоа, тоа е што е, останува само да чекаме да помине кризата и да се придржуваме до препораките.

Им посакувам на сите да останат во добро здравје и да го искористат периодов за самоспознавање или можеби за развој на ново хоби“, вели шеф Боби кој ни испрати и неколку фотографии од своите домашни рецепти.


Повеќето се толку едноставни што ќе можете и сами да си ги направите дома.