Брат брата не рани, тешко кој го нема!

Виктор Настески и Никола Мишковски не се вистински браќа, ама се колеги – врвни шефови и кулинари и вистински доказ дека на маката се познаваат пријателите. Еве како шеф Никола го нахрани шеф Виктор – во карантин

0
1150

Откако шеф Виктор Настески помина речиси три месеци на брод вкотвен во Довер и, меѓудругото, во овој период направи ајвар и не дозволи неговите индиски колеги да му го сменат оригиналниот вкус додавајќи кари, тој пред една недела стаса во Скопје и право во државен карантин. Семејството не си го видел 3 месеци и две недели па разбирливо е што едвај чека да ги прегрне.

Додека ја поминува својата осамена двонеделна изолација во еден скопски хотел, токму деновиве, на половина од задолжителниот државен карантин, Виктор доби и вкусно изненадување од својот колега и ‘брат’, шеф Никола Мишковски, па веќе два дена ужива во едно чудо деликатеси – од пиле млеко нема, ама затоа има од зајак месо-динстано, чадени колбаси, стек ‘Корлеоне’, пршут, зеленчук на скара, вргањ со пармезан, кето-лебчиња,….

„Одамна, 2001-2002 година, додека бев готвач во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје, доаѓаше таму на пракса Никола Мишковски. Тогаш се запознавме, но потоа се изгубивме, сѐ додека после 15 години не се сретнавме случајно на свадба во Камник, кадешто е Никола шеф. Оттогаш наваму, секогаш кога сум во Скопје, јас сум негов постојан гостин. Неговата храна секогаш е подготвена со посебна љубов, па има навистина волшебен вкус и мирис, а ја декорира такашто може и со очи да се јаде.

Инаку, што се однесува до изненадувањето што ми го приреди, целата приказна почна кога Никола ми рече да нарачам нешто на „Кликни-јади“, а јас, бидејќи сум на кето-диета, нарачав само салата и очекував од него да добијам некоја убава и вкусна салата, а не комплетно мени и храна за два дена. Затоа изненадувањето беше големо кога видов што сѐ ми подготвил, и се разбира, бидејќи знае за мојот начин на исхрана, сѐ што подготвил беше „кето френдли“, па дури и ме изненади со кето лебче. Еве веќе два дена имам за јадење само деликатеси, динстано месо од зајак, чаден колбас, стек „Корлеоне“, вргањ со пармезан, зеленчук на скара, пршут,…

Ми ги разубави деновите, па иако не можам јас да готвам, сепак можам да уживам во одлично зготвена храна. А времето некако поминува. Ете јас од здодевност и диџеј станав па пуштам музика во живо на мојот Фејсбук профил“, се смее шеф Виктор.