Брз и вкусен ирски леб

Овој леб наместо со квасец, се прави со сода бикарбона, брзо е готов и искрено, не им се допаѓа на сите. Само на тие што сакаат малку потврда кора и поспецифичен вкус. Сепак, додека е топол, не може никој да му одолее

0
199

Рецептот за ирски леб е многу едноставен! Тоа е еден вид брз леб во кој квасецот се заменува со сода бикарбона, секако, онаа без алуминиум.

Главните состојки на овој леб се: брашно, сода бикарбона, сол, шеќер и матеница (сурутка), а доколку немате матеница можете да ја замените со мешавина од јогурт и млеко или со павлака. Ние го направивме со павлака разматена со вода.

Состојки:

250 г бело брашно

200 г интегрално брашно

450 мл матеница или 1 ипол павлака разматена со вода

1 лажичка сол

1 лажичка шеќер или мед

1,5 лажичка сода бикарбона

Приготвување:

Прво вклучете ја рерната на 200 степени.

Потоа, во еден сад ставете ги брашното, шеќерот, солта и содата и измешајте ги. Направете мала вдлабнатина и истурете пола од течноста, мешајте, па доставете ја целата течност. Во зависност од типот на брашно, можеби ќе ви требаат и дополнителни 50 грама.

Доставете ги доколку тестото е премногу лепливо.

Замесете тесто, обликувајте го во сканиот облик и ставете го во побрашнета тепсија.

Засечете го на неколку места со остар нож и ставете го да се пече.

Се пече околу 35 минути на 200 степени.

Кога е готово, покријте го со крпа и оставете го да се излади пред да го исечете.

Најубав е додека е топол со парче путер.