Брз и здрав десерт

Пудинг од амарант. Лесно се прави, не дебелее, здрав е, а за да биде повкусен за јадење, додадете му мед или како ние, малку домашно слатко од зрели смокви или уште подобро - свежи смокви

0
201

Ако не сте пробале досега, а сакате житарки, тогаш не го прескокнувајте амарантот.

Станува збор за житарка која многу личи на просо, има голема нутритивна вредност, не е калорична и е многу здрава. Зрната амарант се полни со протеини (12-13%) што е најмногу во однос на другите житарки, а ги содржи и есенцијалните аминокиселини лизин, метионин и цистеин. Освен тоа, амарантот содржи и 5-9% масти од кои 77% се незаситени масни киселини меѓу кои доминира линолната киселина. Јаглехидратите во зрната се главно во форма на скроб и сосема малку шеќер. Од минералите содржи: сулфур, магнезиум, железо, калциум, калиум, цинк, фосфор, селен и малку натриум.

Порција обарен амарант од 60 g содржи 80% од дневните препорачани дози на калциум. Од витамините содржи А, Б-комплекс (Б1, Б2, Б3) и Е.

Амарантот е многу добар извор на растителни влакна, содржи многу повеќе отколку што има во пченицата, а со тоа помага при потешкотии во празнењето на цревата. Исто така зрната амарант содржат и фитостероли кои помагаат во намалувањето на холестеролот и зголемување на имунитетот.

Многу истражувања покажуваат дека амарантот е одличен и за најмалите, особено во ситуации кога кај некои деца се јавува интолеранција на лактоза.

Може да се конзумира во вид на зрна (варен) или мелен за подготвка на безглутенски леб, вкусни колачи, тестенини и палачинки. Варените зрна амарант може да се комбинираат со овошје, но и во солена варијанта во салати, супи и сосови, а може да биде и одличен прилог на главниот оброк.

Најдобро е да сварите поголема количина и да ја чувате во фрижидер па да имате ‘целодневна’ со амарант.

Така ќе имате одличен материјал за експресен десерт.

Пудинг од амарант

Амарантот се вари во ист размер како и оризот и повеќето житарки – 1:3

Состојки:

1 чаша амарант

3 чаши вода

неколку свежи смокви или по 2 смокви од домашно слатко од зрели смокви

Ако сакате, наместо смокви или слатко од смокви, ставете 1 мала лажичка какао и 1-2 лажици мед, во зависност колку слатко сакате да биде. Можете да додадете и некои јаткасти плодови.

Приготвување:

Амарантот и водата ставете ги на оган и варете околу 30 минути, додека амарантот не ја впие целата вода. На крај кога е сварен, тргнете од оган и распоредете во неколку чаши, а на средината и најгоре ставете по една смоква.