Брз леб – со комбуха

Ова е една нова варијанта на оние едноставни брзи лебови кои наместо со квасец се прават со прашок за пециво, а комбухата ја додадовме како замена за кисела вода и излезе многу добро

0
141

Понекогаш е добро да ги немате сите состојки кои се предвидени со рецептите затоа што тогаш можете да бидете креативни и да создадете некој нов, уште подобар рецепт.

Така и овој леб, една од оние варијанти на брзи лебови кои наместо со квасец, се прават со прашок за пециво, а наместо да се месат, се мешаат со лажица, во недостаток на кисела вода, го направивме со комбуха. Додадовме зачини по наш вкус, односно, рузмарин и лук, мед наместо шеќер, маслиново масло, измешавме четири видови брашно, бидејќи немавме доволно од ниту еден, па излезе леб со еден сосема нов вкус и убава арома.

Состојки:

200 г грахам брашно

200 г бело брашно

100 г брашно од хељда

100 г брашно од спелта

1 прашок за пециво

250 мл комбуха (Живанов)

250 мл јогурт

1 лажичка сол

1 лажичка мед

3 лажици маслиново масло

рузмарин, лук во прав и ким за поросување

калапот за леб го премачкавме со путер

Приготвување:

Сите состојки ги мешаме во голем сад со помош на лажица. Тестото е лепливо и меко и не е за месење. Го префрламе со помош на лажицата во подмачкан долгнавест калап за леб, го израмнуваме со лажицата, поросуваме со ким и го ставаме да се пече во загреана рерна на 200 степени. осле 10 минути намалуваме на 180 и печеме уште 30-35 минути, во зависност од рерната.

Кога ќе се испече го покриваме со крпа и чекаме малку да се олади пред да го исечеме.