Брзoто јадење предизвикува метаболички синдром, дебелина, висок притисок, холестерол

Многу здравствени компликации поврзани со т.н. метаболички синдром се јавуваат поради неумерено брзото конзумирање на храната. Јадењето брзо на овој начин предизвикува зголемување на телесната тежина, висок крвен притисок, покачен холестерол и триглицериди и многу други ефекти на тој синдром.

0
186

Изгледа дека поранешниот совет дека губење на тежината, меѓудругото, може да се постигне и со побавно внесување на храна, почнува да станува се пореален.
Според една неодамнешна студија, брзото консумирање на храната го зголемува ризикот од дебелина, но исто така и од одредени болести, како што се дијабетес и срцеви заболувања.

Резултатите од истражувањето укажуваат на тоа дека поединците кои јадат брзо можат да јадат повеќе и да јадат квантитативно, бидејќи нивниот организам нема време да сфати дека е веќе наполнет. Затоа, јадењето побавно е многу подобро за целокупното здравје на една личност.

За целите на оваа студија, истражувачите набљудувале повеќе од 1.000 учесници на средна возраст. Врз основа на постигнатите резултати, оние кои јаделе побрзо имаат пет и пол пати поголема веројатност да развијат метаболички синдром во споредба со оние кои јадат бавно. Овој синдром вклучува збир на различни здравствени состојби како што се дебелина, висок крвен притисок, шеќер во крвта и холестерол.

„Бавното јадење може да биде клучна промена во нечиј животен стил за да се спречи метаболички синдром“, вели Такајуки Јамаџи, кардиолог од Универзитетот Хирошима во Јапонија и еден од авторите на студијата.

Метаболичкиот синдром се јавува кога некое лице покажува некој од фактор ризиците поврзани со дијабетес и срцеви заболувања, како што се стомачна дебелина (пределот на стомакот), висок шеќер во крвта, висок крвен притисок, високи триглицериди и низок „добар“ ХДЛ холестерол.

Д-р Јамаџи и неговите колеги проучувале 642 мажи и 441 жени со просечна старост од 51 година кога студијата започнала во 2008. година. Сите учесници биле здрави на почетокот на студијата и биле замолени да ја квалификуваат својата вообичаена брзина за време на јадењето како бавна, нормална или брза, а потоа биле поделени во три категории според таа брзина.

Учесниците биле преиспитани пет години подоцна, а д-р Јамаџи дошол до следниве заклучоци:

„Кога луѓето јадат брзо, посклони се да не се чувствуваат сити, па се случува да се прејадуваат. Јадењето брзо предизвикува поголеми флуктуации на глукозата што може да доведе до инсулинска резистенција. „Метаболичкиот синдром е една од причините за кардиоваскуларни болести, а брзината на јадењето е исто така поврзана со зголемување на телесната тежина“, вели јапонскиот кардиолог.

За време на петгодишното следење, на 84 учесници во студијата им бил дијагностициран метаболички синдром.

Посебна студија на експерти од Американскиот универзитет во Северна Каролина потврдила дека е поефикасно да се јаде или ужива во секој залак за време на оброкот, фокусирајќи се на вкусот на земената храна, да се „јаде со цел“, што исто така им помага на поединците полесно да ослабат во однос на лицата кои се на диета за слабеење.

Истражувачите ги советувале луѓето да се воздржуваат од работите што им го одвлекуваат вниманието додека јадат, па на пример, треба да го исклучат телевизорот за време на оброците и задолжително да ручаат на маса. Учесниците со прекумерна тежина кои се обиделе полека да јадат изгубиле до два килограми за 15 недели, додека оние на режим на диета изгубиле само 300 грама. Шест месеци откако истражувањето престанало, три четвртини од учесниците во оваа програма ја задржале својата тежина или дури изгубиле уште повеќе тежина.

Фото: Unsplash