Брокула? Да, благодарам!

Иако на многумина не им е омилено јадење, а ниту пак порано била на трпезите на нашите мајки и баби, од неодамна, сè уште ненавикнати на неа, кралицата на зеленчукот, брокулата, чека да ја откриеме.

0
140

А дека треба што почесто да ја има на нашето мени, доволно зборува тоа што содржи големо количество од витамини А, Ц и Е, всушност содржи повеќе витамин Ц дури и од портокалот, а го забавува и процесот на стареење. Малкумина знаат дека брокулата е од оние намирници што помагаат и за слабеењето. Иако има малку калории и е лесна, на желудникот му се потребни дополнителни калории за да ја свари, со тоа брокулата, заедно со целерот, е храна што колку повеќе ја јадете, толку повеќе би помага да ослабнете.

Наводно, 100 грама брокула дневно го намалува ризикот од заболување од рак.

Новите истражувања покажуваат дека сокот добиен од брокула е поздрав од оној од цвекло. Според истражувањето, 95 отсто од канцерогените клетки, по шестмесечно консумирање големо количество сок од брокула, изумираат.

Брокулата содржи калциум и магнезиум, неопходни за зајакнување на коските, забите, ноктите, но и на нервите! Содржи и бетакаротен, кој придонесува за здрава кожа и убав тен.

Освен сето ова, уште една причина поради која треба често да ја имате на трпеза е и тоа што е лесна е за подготвување. Ако ја варите, потребни ви се само 3 минути и ќе добиете здрав прилог за јадењето, на кој му недостигаат само неколку капки маслиново масло. Не ја преварувајте бидејќи ќе загуби добар дел од витамините! Вистинската вредност ја има кога се сервира полусварена, никако мека.

Доколку ни така не ви е вкусна, обидете се на овие три начини:

Салата со брокула и печурки

Состојки:

900 г свежа брокула

225 г свежи (може и маринирани) печурки

100 г павлака и 100 г мајонез (ако не јадете мајонез, ставете 200 г павлака)

црн пипер по вкус

неколку чешниња ситно сечкан или рендан лук

Приготвување:

Исечкајте ја брокулата на помали цветчиња, а потоа ставете ги во топла вода да се свари (3-4 минути).  Извадете ја и исцедете ја од водата па ставете ја во голема чинија за салата. Во помал сад измешајте ги печурките, павлаката, мајонезот, црниот пипер и лукот па додадете ги кај брокулите.

Салата со брокула и јаболко

Состојки:

Една брокула

1 – 2 јаболки во зависност од тоа дали сакате вакви вкусови

2-3 лажици кисела павлака

1 лажица мајонез (ако не јадете мајонез, додадете уште малку кисела павлака)

Ореви по вкус

Суво грозје

1 лажица мед

Приготвување:

Брокулата исечкајте ја на помали цветчиња, јаболкото на коцкички, а исечкајте ги и оревите.

Во длабок сад ставете ја брокулата и јаболките. Во помал сад измешајте ги киселата павлака, мајонезот, медот и оревите.

Зачинете со сол и црн пипер по вкус и промешајте додека да се соединат сите состојки. Доколку не сте љубител на мајонез, заменете го со дополнителна количина на кисела павлака.

Сервирајте во длабок сад. Одозгора додадете го сувото грозје.

Салата со брокула и лук

Состојки:

1 брокула

Неколку чешниња лук

Сол и црн пипер по вкус

Маслиново масло

Сок од 1 лимон

Приготвување:

Разделете ја брокулата на помали цветчиња и обарете ја кратко во зовриена вода.

Исцедете ја и префрлете ја во чинија за салата.

Зачинете со сол, црн пипер и исечкано лукче и прелијте со маслиново масло и сок од лимон.

Фото: Pexels