Вегански колачи со аквафаба

Уште еден фантастичен рецепт од кујната на нашата Бојана Димитрова - без јајца, без млеко, без брашно, со аквафаба....Ако се уште не знаете што е аквафаба, не се секирајте, ништо скапо и егзотично - тоа е водата во која го варите наутот, гравот или други мешунки

0
109
Овој рецепт е уште еден кој доаѓа од кујната на нашата читателка и пријателка Бојана Димитрова и нејзиниот блог за храна „Ситно сецкано“. Овојпат, станува збор за нешто слатко, кое во себе не содржи ниту јајца, ниту млеко, ниту брашно, па можете да го јадете и ако сте веган или во денови на пост.
Наместо јајца во рецептот се користи аквафаба, односно, течноста во која се вари наут или други мешунки (или течноста од конзерва наут, иако е подобро наместо да купувате наут во конзерва, да си го варите сами, а потоа да ја користите течноста од варењето во колачи).
Кога ќе се измати со миксер аквафабата станува како изматена белка од јајце и може да се користи во рецепти за слатки како алтернатива за белки. Бојана вели дека е особено добра за правење на пуслици, Павлова торта или чоколаден мус.
Таа ја испробала и како состојка за леб, наместо вода, а со неа прави и колач и гранола.
„Веќе некое време не ја фрлам кога варам наут, туку ја чувам во замрзнувач ако не можам да ја употребам набрзо.
За да добиете добра аквафаба за користење во рецепти наместо белка, таа треба да биде густа. Јас најчесто го оставам наутот да отстои во вода преку ноќ или неколку саати. Потоа го варам во нова вода додека не омекне, на тивко, најчесто без капак, особено при крајот, за голем дел од водата да испари, а останатата да се згусне. обично варам поголема количина наут, го чувам во фрижидер и вадам онолку колку што ми треба за секое јадење. Течноста во која се варел и понатаму стои во фрижидер уште повеќе се згуснува и е подобра за матење.
За колачите ви требаат:
 
85 мл aквафаба
100 г темно чоколадо 85% (стопено во микро или врз вода што врие)
80 до 100 г шеќер
80 г таан
100 г мелени бадеми
40 г какао
пола лажиче сода бикарбона
2 лажици овесни снегулки (ако смесата не е доволно густа)
Приготвување:
Прво изматете ја аквафабата со миксер до мек снег, ставете го шеќерот и матете со миксер да се измеша убаво.
Додадете ги другите состојки и промешајте со шпатула полека. Смесата треба да биде густа.
Ставајте со лажица големи топчиња на хартија за печење. Излегуваат 12.
Печете ги колачите на 175°C околу 12-15 минути. Треба да се сѐ уште меки кога ќе ги извадите, а кога ќе се оладат, ќе се стврднат.