Виетнамците ги споделуваат своите кулинарски неуспеси на Фејсбук

Јагленосан леб, неуспешни колачи, прегорен помфрит… Виетнамците направиле Фејсбук група во која споделуваат фотографии од своите кулинарски неуспеси за време на самоизолацијата

0
198

Со оглед на тоа што половина свет е ставен во карантин  поради пандемијата на коронавирусот, голем број славни готвачи на социјалните медиуми споделуваат слики од нивните совршени кулинарски деликатеси.

Но, Виетнамецот Дин Дук Танх основал Фејсбук група на која фотографии од кулинарски промашувања објавуваат обични виетнамски семејства кои времето во самоизолација си го кратат со (неуспешно) готвење и уништени оброци.

„Мислев дека ако веќе имаме групи што споделуваат слики од вкусни оброци и прекрасни домови, треба да создадеме група каде луѓето ќе можат да ги покажат и своите кулинарски неуспеси, затоа што на тој начин  сите ќе се чувствуваме помалку сами“, објаснил Танх, 37-годишен снимател од Ханој.

Групата ја почнал неодамна, а само во првата недела бројот на членови стасал речиси до милион.

Некои споделиле фотографии од загорени тави и јагленосани црни грутки во тенџериња. Други објавиле снимки од несреќни деца кои одбиваат да го јадат тоа што им го зготвиле нивните родители.

За време на пандемијата, „наеднаш човек треба секојдневно да подготвува по три оброци на ден, да ја чисти куќата по децата што оставаат неред, сето тоа е за нас ново“, рекол Танх.

Членката на групата Huynh Nguyen Hoang Quyen, објавува фотографија од ниту малку привлечна торта со зелена боја која ја изгубила формата.

„Јас направив роденденска торта за сестра ми и …. ова е резултатот. Јас сум прилично добра готвачка, но не можам да сфатам што се случи тука“, напишала таа покрај фотографијата.

Една „новопечена“ готвачка не успеала да го скрие своето разочарување затоа што за првпат пржела компирчиња кои целосни ѝ изгореле.

„Ги следев упатствата и не знам зошто испаднаа вака“, изјавила таа од нејзиниот дом во Токио признавајќи дека „нема поим од готвење“.

Фото: Pixabey