Викајте, нема да ве слушнат, научете ги знаците на глувите – ќе ве разберат

Толковниот јазик ни стана секојдневје за време на прес-конференциите на владата и на министерот за здравство, кога толкувачките со знаковен јазик ги преведуваа нивните зборови во знаци. Но никогаш досега не сме имале кафуле во кое домаќините се глуви и за да нарачате кафе треба, да покажете со прстот на дигиталното мени, да ви прочитаат од усните или едноставно – да ги научите знаците. Запознајте ги Радмила и Мартин

0
736

Радмила Периќ и Мартин Ангелов, двајца млади луѓе, корисници на програмата за самовработување, неодамна почнаа свој бизнис – отворија кафуле. И ако се прашувате што има тука толку интересно, ќе ви кажеме дека станува збор за прв кафе бар во државава во кој домаќините се глуви лица и со своите гости комуницираат на знаковен јазик.

Уште кога слушнавме за нив и за нивното кафуле ‘02’, ги побаравме за да ја слушнеме нивната приказна, но за ова, со оглед на тоа што станува збор за глуви лица, а ние не го знаеме нивниот знаковен јазик, моравме да совладаме некои препреки. Поточно, иако беше најлесно да отидеме на лице место, ова го оставивме за понатаму, со оглед на тоа што беше премногу комплицирано да се искоординираме сите да бидеме во исто време во нивното кафуле – јас, тие двајца и нашата толкувачка и посредничка која великодушно се понуди да посредува, преку видео повик. Така, за првпат ова интервју не го правевме директно со нашите соговорници, туку преку нашата толкувачка и посредничка, госпоѓа В.

А таа, скромна и љубезна, иако не сакаше воопшто да го споменуваме нејзиното име, направи сѐ за да имаме јасна претстава за нашите соговорници прераскажувајќи ни го дури и изразот на нивните лица. На пример, на прашањето дали тие двајца како лица со оштетен слух се соочувале со ситуации кога не можеле да ги разберат додека нарачувале нешто во некој локал, ни кажа: „Мартин се чешка за брадата и размислува, се смешка и кажува дека имале повеќе вакви ситуации, но најголем проблем им бил нарачувањето на храна со достава и викањето такси.

„Кога сме оделе некаде на кафе или во ресторан, не било толку проблем да се нарача нешто, бидејќи обично сите имаат мени, па секогаш сме можеле да покажеме што сакаме, но затоа нарачувањето на храна со достава и викањето на такси-превоз секогаш ни биле проблем. Најчесто кога сакаме нешто да нарачаме, очекуваме помош од некој сосед или пак му пишуваме на некој наш пријател на Фејсбук да нарача наместо нас, но сме имале проблем кога ќе стаса доставувачот на храна да се препознаеме со него, со оглед на тоа што ние не можеме да комуницираме на телефон поинаку освен со смс пораки. Исто е и со повикувањето на такси возило“, рекол Мартин, а ни пренесе нашата толкувачка.

Инаку, Мартин и Радмила се момче и девојка и нивната љубовна приказна трае веќе полни 12 години.

Обајцата, лица со оштетување на слухот, се запознале додека учеле во Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски” во Скопје, инаку, училиште за средно стручно образование за ученици со оштетен слух.

Дотогаш не се познавале бидејќи Радмила е од Богданци, а Мартин од Битола и додека тој завршил основно училиште за глуви, Радмила го поминала основното образование во нормално училиште, но бидејќи таму не постигнала посебни резултати, го продолжила школувањето во ова специјализирано средно училиште кадешто си ја нашла и љубовта – Мартин.

„Во текот на школувањето меѓу нас се роди симпатија, почнаа погледите и на крајот се роди љубовта која трае веќе 12 години“, раскажува Мартин.

За време на овој разговор Радмила беше на смена во нивното кафуле, па за одговорите во име на двајцата ‘го овласти’ својот животен и бизнис-партнер Мартин.

На идеја да отворат кафуле и да почнат сопствен бизнис дошле под влијание на она што го виделе како искуство во странство.

„За оваа идеја не инспирираше она што го видовме во странство, кадешто многу глуви лица отвараат свои бизниси, бутици, ресторани, винарии. Кај нас има вакви искуства, но обично станува збор за земјоделци или, како во случајот на постариот брат на Радмила кој е исто така лице со оштетен слух, а веќе 15-16 години има свој фризерски салон во Богданци.

Во Франција запознавме лице со оштетен слух кое имаше компанија за производство на шампањ. Особено не инспирираше она што го видовме за време на нашиот едногодишен престој во Амстердам, кадешто запознавме глуво лице кое имаше свое кафуле, а луѓето ги правеа нарачките преку таблет. Ние бевме импресионирани од идејата, па кога се вративме, рамислувавме што да правиме, дали да бараме работа или да ризикуваме и да почнеме свој бизнис и решивме да ризикуваме. Многумина не разубедуваа, но многумина и ни помогнаа. Добивме  информација за кампањата на Министерството за труд и социјала и решивме да се обидеме. Сите беа сомничави, во смисол, како сега вие двајца глуви ќе правите бизнис, но не се поколебавме. Реакциите беа различни во различни општини, па додека во Гевгелија од кадешто е Радмила (Богданци спаѓа во оваа општина), не ѝ го одобрија барањето на Радмила, добивме ‘виза’ од Битола. Па така, обуката за првите чекори кои треба да се совладаат за да се отпочне свој бизнис која ја спроведе УНДП, ги поминавме во Битола кадешто имавме и толкувач па можевме да ја следиме и навистина да научиме нешто.

Тоа беше неверојатно искуство за нас. Нашите не поддржуваа, иако имаа забелешка на тоа што го отвараме кафулето во Скопје, а не во Битола или во Богданци. Но ние бевме одлучни дека ова треба да го направиме токму во Скопје“, раскажа Мартин.

Така тие двајца живеат заедно точно една година, откако се доселиле во Скопје од своите родни градови во кои се вратиле по завршувањето на средното училиште. Иако, за цело време биле или кај него или кај неа, последнава година се под заеднички покрив во Скопје, но веројатно се и најмалку заедно, помалку од кога и да е. Имено, со оглед на тоа што во кафулето тие двајца се единствените вработени, одат на работа на смени, па се гледаат дури навечер кога двајцата ќе се приберат дома или кога оној што е втора смена ќе остане малку подолго на работа, или пак – комуницираат преку камера.

„Планот ни беше да го отвориме кафулето во март, но само неколку дена пред закажаниот термин се случи пандемијата со КОВИД-19 и не успеавме да направиме отварање. Кога ги олабавија мерките почнавме да работиме, но ситуацијата е лоша. Во моментот имале многу мала заработувачка, прометот е многу мал и секој ден се бориме за да опстанеме, но не се откажуваме. Напротив, планираме и се надеваме во иднина да ја прошириме понудата и со мали, ладни оброци, сендвичи, помфрит и слично, па дури и да вработиме уште некое глуво лице. Но засега се снаоѓаме сами.

Нашето мени не е на хартија, туку на таблет, на кој има и фотографии и видеа кадешто покрај називот и цените има и толкување како се нарачува на знаковен јазик, па некои од нашите муштерии пробуваат да ја направат нарачката на знаковен јазик, додека пак други се срамат да пробаат и само покажуваат со прст што сакаат да им донесеме. Има интересни ситуации кога тие бараат од мене да им ја повторам нарачката па и тие да повторат и да научат како да го направат тоа на знаковен јазик, додека пак на трети им читаме од усни“, раскажува Мартин.

Што се однесува до името на нивното кафуле – 02, Мартин раскажува дека за време на обуката им било кажано да смислат име, па предавачот објавил на Фејсбук јавен повик, ја објавил нивната приказна и побарал од луѓето да даваат предлози за името на кафулето и да гласаат.

Така бил избран предлогот на некој Македонец кој живее во Белград и кого лично не го познаваат, но бидејќи повеќето луѓе, знајни и незнајни, гласале за истиот и за неговото образложение, односно, дека ‘02’ е повикувачкиот број за Скопје, дека нивното кафуле е мост меѓу два света, со нула звук и две раце, дека сопствениците се најкул пар, итн., се одлучиле да го прифатат името, а на човекот му кажале дека тој е кумот.

„И веројатно да не беше ситуацијата со ковид-19, тој веќе ќе не посетеше, но засега тоа не е можно“, вели Мартин.

Во моментов, нивната идеја е единствена во нашата држава и цели кон промоција на знаковниот јазик. Тие ги поттикнуваат сите други лица со попреченост, доколку имаат идеја, да не се двоумат и да го остварат својот сон затоа што е тоа возможно.

Иако ситуацијата е тешка, во 02 веќе имаат редовни гости, најчесто попладне и навечер имаат повеќе работа отколку претпладне, а доаѓаат и нивни глувонеми пријатели, но и други луѓе. Она по што се разликуваат од останатите се некои интересни комбинации какви што виделе додека биле во Холандија. На пример, еспресо со чоколадно млеко. Сепак, најпродавано им е нес кафето за кое сите велат дека е најубаво токму таму, кај нив.

Наскоро ќе одиме да го пробаме и ќе се обидеме да го нарачаме со знаковен јазик, а на Радмила и на Мартин им посакуваме подобри денови со многу задоволни гости.

А вие, викајте, нема да ве слушнат, научете ги знаците на глувите – ќе ве разберат.