Вклучете го во вашата исхрана – за подобра функција на цревата, против воспаленија и тумори

Најмногу се истакнува по содржината на витамин А - во количина од 200 грама содржи повеќе од 700 проценти од препорачаните дневни вредности на овој витамин, клучен за здравјето на очите, имунолошка поддршка и обновување на клетките.

0
315

Слаткиот компир, исто така наречен батат, е скробен коренест зеленчук со сладок вкус кој го има во различни големини и бои – бела, портокалова и виолетова – и е богат со витамини, минерали, антиоксиданти и растителни влакна. Во 200 грама слатки компири печени во кора има 41 грам јаглени хидрати, 4 грама протеини и само 0,3 грама маснотии, и само 180 калории.

Врвен извор на витамин А

Најмногу се истакнува во однос на содржината на витамин А, па во наведената количина содржи дури 769 проценти од препорачаните дневни вредности! Првенствено е присутен во форма на бета-каротен, растителен пигмент кој е прекурсор на витаминот А, а неговиот вишок безбедно се излачува од телото. Следат витаминот Ц (65 отсто од препорачаните дневни вредности), витамин Б6 (29 проценти), Б5 (18 проценти) и Б3 (15 проценти), манган (50 проценти), калиум (27 проценти), бакар (16 проценти од препорачаните дневни вредности). Слаткиот компир, особено портокаловиот и виолетовиот, се исто така богати со антиоксиданти кои го штитат организмот од слободни радикали, нестабилни молекули кои можат да ја оштетат ДНК и да предизвикаат воспаление, што е поврзано со хронични болести како што се тумори или срцеви заболувања, но и предвремено стареење.

Растворливи и нерастворливи влакна

Влакната и антиоксидансите од бататот се добри за здравјето на цревата. Содржи растворливи и нерастворливи влакна. Одреден вид на растворливи влакна – вискозни (лепливи) – ја апсорбираат водата и ја омекнуваат столицата. Од друга страна, нерастворливите влакна не апсорбираат вода и додаваат обем на столицата.

Некои влакна, растворливи и нерастворливи, под влијание на бактериите во цревата можат да ферментираат и да создадат масни киселини со краток ланец кои се гориво за клетките на слузницата во цревата затоа што ги одржуваат здрави и силни. Исхраната која содржи 20 до 35 грама влакна дневно е поврзана со помал ризик од рак на дебелото црево и подобра подвижност на цревата.

Антиоксидансите, исто така, играат улога во здравјето на цревата. Лабораториска студија покажала дека антиоксидансите од виолетовиот сладок компир го стимулираат развојот на бактерии добри за здравјето на цревата, вклучително и соевите на Bifidobacterium и Lactobacillus. Поголеми количини од нив во цревата се поврзани со помал ризик од развој на синдром на нервозно дебело црево и инфективна дијареја.

За подобар вид и меморија

Бета-каротенот, пигментот одговорен за портокаловата боја на зеленчукот и овошјето, е моќен антиоксиданс што се претвора во организмот во витамин А, важен за формирање на рецептори за откривање на светлина во очите. Антоцијанините, пигменти кои на зеленчукот и овошјето му даваат темно црвена и виолетова боја, можат да помогнат во заштитата на очните клетки од оштетување, покажале лабораториските истражувања. Јадењето виолетов сладок компир може исто така да има корисен ефект врз функциите на мозокот. Антоцијанините можат да го заштитат мозокот со намалување на воспалението и спречување на штетните ефекти на слободните радикали, покажуваат студиите направени врз животни. Давањето виолетов екстракт од сладок компир на глувците ја зголемил нивната способност за учење и запомнување. Општо земено, човечката исхрана богата со овошје и зеленчук, т.е. антиоксиданти, се поврзува со 13 проценти помал ризик од влошување на умот и деменција.

Поддршка за имунитетот

Портокаловиот батат, како што споменавме, е богат со бета-каротен, прекурсот на витаминот А. Ниските нивоа на овој витамин во крвта се поврзани со намален имунитет. Исто така е клучен за одржување на здрави мукозни мембрани, особено оние во цревата.

Здравите црева се исклучително важен дел од имунолошкиот систем, бидејќи токму во нив телото се среќава со многу потенцијални патогени. Студиите покажуваат дека недостатокот на витамин А го зголемува воспалението во цревата и ја намалува способноста на имунолошкиот систем правилно да одговори на можните закани. Редовната консумација на сладок компир помага во одржување на посакуваното ниво на витамин А во организмот.

Антиоксидансите од слаткиот компир исто така можат да помогнат против некои видови на рак. Лабораториските студии покажале дека антоцијанините можат да го забават растот на туморските клетки во мочниот меур, дебелото црево, желудникот и градите. Глувците што јаделе многу виолетови слатки компири имале пониски стапки на рана фаза на рак на дебелото црево, што укажува на тоа дека антоцијанините може да имаат заштитен ефект. И виолетовата и портокаловата лушпа од сладок компир содржат состојки со антиканцерогени својства.

Слаткиот компир може многу лесно да стане вообичаена храна на вашето мени. Како и компирите, можете да готвите, печете, пржите, да го подготвувате во чорби, супи,…во солени и слатки јадења. Со готвењето се намалува количината на бета-каротен во слаткиот компир до одредена мерка, но околу 70 проценти од таа хранлива материја ќе се задржат.

Фото: Pixabay