Вкусно, брзо и многу здраво

Оваа салата со наут можете да ја правите во различни комбинации, а ако го сакате вкусот на наутот, е одлична варијанта за брз и здрав оброк

0
224

Ако сваривте поголема количина наут, можете да ја користите цела недела во различни варијанти, од хумус, до вариво и салата.

Ние ја направивме оваа салата со варен наут, црвен кромид, кисели краставички, 2-3 чорбаџиски пиперчиња или феферонки (ако пиперчињата не се кути, а вие сакате луто, додадете лут буковец), малку куркума и за прелив – таан и сок од лимон.

Вкусниот наут е богат извор на протеини, па ако сте вегетаријанец, тоа е уште една од состојките што треба често да ги имате на менито. Исто така, наутот е извонреден извор на манган, минерал што учествува во процесот на добивање енергија од протеините и јагленохидратите и учествува во синтезата на масните киселини неопходни за одржување на здрав нервен систем. Тој е извонредно хранлив продукт, богат со железо, со многу витамини и цинк.

Помага во контролата на шеќерот кај дијабетичарите, позитивно влијае врз намалување на холестеролот, ја подобрува дигестијата, го чува срцето, ги смирува воспалителните процеси, содржи минерали потребни за добро здравје на коските, добар извор е на селен, на што се должат неговите антиканцерогени својства.

Значи, ако сакате да се храните здраво, еве ви уште една намирница која можете да ја вклучите во вашата исхрана во најразлични варијанти.

Почнете со салата.