Во своето прво интервју Атиџе од ’Медена земја’ се пожали: Ми недостасуваат луѓе за муабет

Со главниот лик на македонската гордост - филмот ’Медена земја’ - Атиџе Муратова, но и со дел од тимот, зборувавме во март минатата година. Тогаш Атиџе ни се пожали дека не ѝ недостасуваат телевизор и радио, туку луѓе за муабет. Во меѓувреме се сменија многу работи и таа и целиот тим се најдоа во центарот на вниманието ширум светот. Во очекување на највозбудливото доделување на Оскар за целата македонска јавност, да се потсетиме на ексклузивното интервју за „Арт кујна“ со Атиџе и со екипата на ’Медена земја’

0
7016
Во март минатата година, ексклузивно за порталот „Арт кујна“, Атиџе Муратова ни раскажа повеќе за себе и за својот живот, а режисерите на македонскиот документарец „Медена земја“, Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, како и снимателите Фејми Даут и Самир Љума, ни раскажаа интересни детали од снимањето на филмот кое траело цели три години.
Го преобјавуваме интервјуто со Атиџе Муратова и со дел од екипата кое го направивме само еден ден по проекцијата за новинари на документарецот ’Медена земја’ во киното „Милениум“. Бидејќи тогаш, кога светлата во „Милениум“ повторно се запалија, веќе ништо не беше исто. И единственото прашање кое сакав и морав да им го поставам на членовите на екипата на филмот, беше: Каде е Атиџе?

Каде е жената која половина од медот задржува за себе, а другата половина им ја остава на пчелите?

Со Атиџе се видов веќе следниот ден, во „Наџак“, кадешто беше со дел од филмската екипа. Сакав да ја запознаам, да ѝ ја стегнам раката, да видам дали е вистинска и да ја прашам како ѝ успева да биде тоа што е.

„Цел живот сум во Бекирлија, а до 28.јануари минатата година, кога почина после 4 години поминати во постела, со мене беше и мојата мајка. Претходно тука живееше целото семејство, мајка ми, татко ми, јас и тројцата браќа. И откако памтам сме имале пчели. Поголемиот брат ме научи да собирам мед од дивите пчели и тоа го правам од дете, 40 години, па и повеќе. Како дете не сакав, многу ми беше страв од пчелите, но полека, полека мораше нешто да работам и да помагам, па се научив и сега немам гајле. Еднаш цела кошара со пчели, додека ја вадев од карпите, ми падна во шијата, ме искасаа, ама ништо не се случи, се измив со ладна вода, ги извадив боцките и толку беше. Здраво е да те касне пчела, не ти требаат после инјекции, а медот што го даваат тие, овој природниов мед, е вистински лек. На оној кој јаде ваков мед, не му требаат лекарства. Јас си правам сама лекови со медот. На пример, многу е здраво за лек, мед, масло, ореви и лимон, или пак, ако си грипосан или грло те боли, доста е во млака вода да разматиш 1 лажичка мед. Дури и за тие шеќер што имаат овој мед е лековит. Јас така се лекувам“, ми зборува Атиџе со сјај во очите.

А од каде го научи тоа дека половина мед треба да им оставиш, а половина да им земеш на пчелите, дали си забележала за сите овие години дека пчелите се загрозени, дека умираат, ја прашав.

„Па се знае, и пчелата треба да јаде, и таа треба да остане жива. Затоа им оставам пола од медот, а само пола земам за мене. Има некои кои го земаат целиот мед, а кога немаат тие пчели доволно храна, ако се во близина, ќе ги нападнат моите пчели, ќе ги уништат. Затоа јас моите пчели по карпите ги оставам, таму подобро опстануваат, пчелите сакаат мир, ако има многу луѓе, многу гужва, помалку мед прават“, објаснува Атиџе.

Каков е вкусот на овој мед од диви пчели, го прашав Љубо (Љубомир Стефанов)?

„Интересно е тоа што таму растенијата цветаат една недела и пчелите во тек на топлата сезона, додека се активни, често ги менуваат растенијата од кои земаат полен, па така на пример, медот кој ќе го пробаш во април, има различен вкус од тој што ќе го пробаш во јуни, во септември или во октомври, сосема се различни. Најубав според мене беше младиот мед, тој што не се вади, во мај-јуни. Ние снимавме три години и првата година имаше многу мед, па сите сцени со питите мед се снимени таа година, после немаше“, вели тој, а Атиџе оптимистички најавува дека оваа година очекува да има многу мед.

„Од сега секоја година ќе биде подобро, на 10 години еднаш се случува да изумираат пчелите, ако е сушна година или ако е многу ладно. Некогаш може да се извади и повеќе мед, а некогаш само толку колку да може да опстанеме, да вртиме куќа, ама ќе биде подобро“, вели таа.

А купувачи има повеќе отколку мед. Знаат луѓето што е добро и го купуваат за лек.

Како човек кој поголемиот дел од денот го минува пред компјутерскиот екран, ја прашав Атиџе како ѝ минува времето така, без струја, без ТВ, без компјутер. Ѝ велам, во филмот ловеше радио-сигнали, значи ли тоа дека ти недостасуваат овие работи, радио, телевизор, рано ли си легнуваш, како ти минува времето?

„Нее, не ми недостасува телевизија…еее, јас сум гледала телевизија во боја уште кога никој немаше, кај една роднина во Штип кога бев мала, донесоа телевизор од Германија и гледавме таму. Не ми недостига мене телевизор, туку луѓе, муабет да направам со некого. Затоа се радувам што ќе се преселам во куќата што ја купија за мене во село Дорфулија (општина Лозово), таму има и струја и вода, ама што е најважно, луѓе има. Затоа со нив ми беше убаво (покажува со главата накај членовите од филмската екипа), сѐ правевме заедно. Инаку, ова село е 3 ипол саати пешки до моето село, ама таму ќе одам само кога ќе треба за пчелите и за медот, кога ќе биде топло и наесен кога треба да се собере медот“, вели Атиџе и признава дека ова со медот и со пчелите сѐ потешко ѝ паѓа. „Да имам кого, би научила како да го прави ова. Некое девојче да сака, за да има и по мене некоја што ќе ме наследи“, вели таа.

А Атиџе нема деца. Никогаш не била мажена, па кога Хусеин и Љутвие и нивните седум деца, а потоа и нивните пчелини кошници, се стационирале покрај нејзината куќа, таа била радосна што ќе има друштво. Така било и со екипата од филмот. Вели, првин мислев само ќе дојдат да ме снимат и толку, ама тие останаа три години. Од првин ми беше тешко додека се навикнав, ама после многу се зближивме, тие ми се како семејство.

Сѐ правеле заедно, јаделе, се смееле, оделе по карпите, таа им готвела манџи на шпоретот на дрва, а тие ѝ давале конзерви. „Бидејќи, главно со конзерви и се храневме, иако понекогаш Атиџе и Љутвие ни месеа леб, па го јадевме со мед“, вели Тамара (Тамара Котевска).

Tаа пак, и еден од двајцата сниматели, Фејми Даут, се и единствените од екипата кои „настрадале“ од нивните мали сожители, Тамара ја нападнале болви, а Фејми го искасале пчелите и тоа во неколку наврати. Последниот пат отекол толку многу што морал да земе урбазон и лоратадин. За среќа, нема други последици.

Сега сите тие се постојано во контакт со Атиџе, а за време на престојот во Скопје, таа е гостинка во домот на Тамара. Се надеваат дека ќе успеат сите заедно летово да заминат и на фестивал во Истанбул. Таму Атиџе била во 1994.година со својот покоен татко, но има голема желба повторно да го види.

Во меѓувреме, Атиџе живее од медот, од социјалната помош од 1500 денари и си ја чува својата кравичка.

Вели, благодарна е што ја нашле и што го направиле овој филм кој очигледно ќе ѝ го смени, и веќе ѝ го менува животот. На подобро. А на природата и на своето село, секогаш ќе им се враќа бидејќи како што вели: природата ни треба, ама и ние ѝ требаме неа.

А природата е чудесна. Па кога Атиџе на цел глас вика „Маат, маат, кут мат, кут мат (што во превод би било нешто како: „дојди чедо, дојди“), матицата доаѓа, а по неа и цела војска пчели. Сите доаѓаат по гласот на Атиџе! Па има ли нешто пофантастично од тоа?!

Затоа Љубомир вели и порачува: „Приказната не е ни за пчели ни за мед, повеќеслојна е, а пораката е универзална, таа е апликативна во било кој однос човек-природа, кога човекот искористува нешто од природата, важна е за разбирање на тоа што значи прекумерно искористување, што значи кога без усул се искористува природата. Клучниот збор е  одржливост, а Атиџе го покажува тоа. Таа знае дека ако не им остави пола од медот на пчелите, следната година нема да има мед“.

После сето ова, сѐ што чувствувам е некоја чудна тага, носталгија по еден свет кој всушност никогаш и не сум го доживеала – свет во кој за нас најобичната работа – стисни копче, добиваш и светло и звук и топлина, таму ја нема, но затоа пак си на ТИ со природата, во соживот со она што е околу тебе и научен да бидеш задоволен со малку.

…Денеска животот на Атиџе се смени и таа и целиот тим кој на светот му ја раскажа нејзината приказна, се најдоа во центарот на вниманието на светската јавност.

Откако беа објавени двете историски номинации за „Оскар“, на фејсбук профилот на „Медена земја“, тимот, меѓудругото, напиша:
„Пред сѐ, би сакале да им се заблагодариме на членовите на Американската академија (AMPAS) за тоа што ја вклучија ‘Медена земја’ во трката за најпрестижната филмска награда на светот. Преку жената која случајно ја сретнавме пред светот се отвори приказна – алегорија на една глобална слика кадешто хуманото и натуралното се борат да преживеат. Атиџе и пчелите се прототип за новиот генски материјал, кој треба да победи во битката на титаните, кадешто природата се бори со деструктивното.
Среќни сме што светските критичари и членовите на Академијата го препознаа крикот на планетата, кој ечи меѓу фрејмовите во филмот. Ја открија големината на човекот преку големината на единката. Се разнишаа убедувањата дека радоста се крие во поседувањето“.