Време е за млада свежа зелка

Зимата заврши, а со неа и киселата зелка. Затоа пролетва, стапува на сцена младата зелка. На пазар, една главичка свежа зелка чини само 20 денари а со неа можете да направите цело тенџере вкусно и здраво јадење

0
409

Кога ќе видам млада зелка, веднаш ја замислувам како салата. Рендана кревка млада зелка, со маслиново масло и сок од лимон или оцет, таа е навистина одличен прилог за секое јадење.

Од неколку видови на зелка, најчести се црвената и белата, но поздрава е црвената. Најдобро е да се јаде сирова или само кратко проварена. Ако ја јадете сирова, помага за анемија, несоница, депресија и анксиозност. Добра е и за артритис и реума, астма и бронхитис. Го подобрува варењето, а помага и при слабеењето. Го јакне имунитетот, го чисти организмот, а ја подобрува и концентрацијата.

Зелката има повеќе витамин Ц и од портокалите, а богата е и со минерали како магнезиум, железо, фосфор, калциум, калиум и натриум, а содржи и фолна киселина.

Еве што можете да направите од зелка како брз и здрав оброк, а не е салата.

Состојки:

Една главица зелка

1 кромид

2 моркови

Сол, црн пипер

Други зачини по желба (коријандер, ловоров лист, црвен пипер)

1 пакување сос од домати

Приготвување:

Исечете ја зелката на резанки и ставете ја да се вари во тенџере со вода. Во друго тенџере издинстајте го кромидот кој претходно ситно сте го исечкале и пред крајот на динстањето додадете лажичка шеќер и оставете го да се карамелизира.
После 15 минути извадете ја зелката од водата, исцедете ја и ставете ја кај кромидот да се динста. Ставете ги и морковите исечкани на тркалца, а по неколку минути додадете го сосот од домати и зачините и оставете се заедно да динста 20-25 минути и повремено, по потреба, долевајте вода.

Ова вариво би требало да биде малку погусто, а одлично оди со пире од компири. Ако сте љубители на месо, можете во зелката да додадете и варено јунешко исечено на коцки.

Фото: Pixabey