Време е за цреши, овошје кое им е пријател и на дијабетичарите

Црешите изобилуваат со антиоксиданти кои штитат од слободни радикали и помагаат при превенција на карцином и болести на срцето и го забавуваат процесот на стареење. Црешите го снижуваат и нивото на шеќерот во крвта.

0
239

Време е за цреши. Наполнете чинија со цреши и пробајте да им одолеете. Но зошто би им одолевале, кога потклекнувањето на искушението е всушност добро за здравјето. Црешите се многу богати со витамин Ц, влакна и антиоксиданти. Овој коктел од корисни состојки се смета дека помага во борбата со некои видови рак. И запомнете, колку се потемни црешите, толку се подобри, односно, имаат повеќе антиоксиданти.

Сиромашни се со масти и не содржат натриум и холестерол. Одличен избор се за сите кои внимаваат на телесната тежина, а исто така се и супер намирница за рамен стомак бидејќи го спречуваат натрупувањето на масти на стомакот.

Содржат антоцијани кои ги активираат молекулите во телото кои го зголемуваат согорувањето на мастите и ја спречуваат нивната акумулација.

Богати се со калиум и затоа се поволни за одржување рамнотежа на течностите во организмот.

Луѓето со дијабетес не можат да си дозволат да јадат секакви плодови, но црешите се дозволени за нив бидејќи имаат низок гликемиски индекс и го снижуваат нивото на шеќерот во крвта. Освен тоа, го снижуваат и нивото на лошиот холестерол и можат да бидат од корист при превенција на рак на дебело црево, а добри се и за здравјето на срцето. Во свежа состојба црешите се добри за отстранување на физичката и менталната исцрпеност.

Според истражувањата црешите се многу добри за подобрување на меморијата, а редовната консумација може да го забави ризикот од развој на Алцхајмерова болест.

Петелката на црешата изобилува со танин, органски киселини, флавоноиди, шеќери и минерали. Затоа, во народната медицина петелките се користеле за чаеви, кои го поттикнуваат излачувањето на урината и исфрлањето на камчиња од бубрезите и од мочниот меур.

Кога купувате, избирајте цврсти и здрави цреши. Може да ги чувате во фрижидер до една недела, а може и да ги замрзнете и да ги чувате во замрзнувачот до една година.