Горан Филипов: Готвењето е машка работа

Потпретседател на македонскиот огранок на Светската асоцијација на мастер готвачи и шеф на кујна во ресторан Моклиште, шеф Горан се занимава со готвење цели 20 години, а по неговите стапки цврсто чекори и неговиот 16-годишен син Ване. Ќерката, се шегува тој, повеќе ја интересираат женски работи.

0
920

Горан Филипов е потпретседател на македонскиот огранок на Светската асоцијација на мастер готвачи (World Association of Master Chefs) и од неодамна, шеф на кујна во ресторанот Моклиште, во Моклиште кој важи за еден од најсовремените ресторани во Тиквешкиот регион, сместен во неверојатен амбиент.

Филипов дошол тука од ресторанот ‘Стар Балкан’ во Кавадарци, кадешто работел 7 ипол години како шеф на кујна, а десна рака му бил никој друг, туку неговата сопруга Даниела со која се во брак веќе 17 години.

Вели дека додека работеле таму, а таа му била помошничка, одлично функционирале, впрочем, како што функционираат и дома, во својата кујна.

За жал, овој ресторан кој се наоѓаше на локацијата кадешто порано било градското кино и кадешто пред неколку години ја јадевме најубавата пица и уживавме во оригиналните кавадаречки пишии и домашното овчо сирење, се затвори, па Горан, после 4 месеци пауза почнал да ги маѓепсува со својата храна гостите на ресторанот Моклиште.

Иако е Горан вистински виртуоз во кујна, и одличен сплотувач на традиционалната и модерната кујна, тој му е верен на родниот крај. И покрај неговите успеси кои ги постигнал со својата кулинарска умешност и победувал на многу интернационални натпревари, никогаш не работел надвор од Тиквешкиот регион.

„Со сопругата Даниела сме во брак 17 години и одлично функциониравме и додека работевме заедно, но и дома кога готвиме заедно, готвиме со љубов. Нашата ќерка Марија (12) повеќе ја интересираат женски работи, а готвењето е очигледно машка работа, па син ми Ване (16), не само што сака да готви, туку веќе тргна по моите стапки“, се смее Горан.

За разлика од него, кој без да знае, татко му го запишал во средното угостителско училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија бидејќи имал желба неговиот син да стане готвач, Ване самиот одлучил што сака да прави во животот – да стане готвач и да тргне по стапките на татко му.

„Ние сме од село Сопот кадешто татко ми држеше селско кафанче, а јас одев и му помагав, најчесто некои полесни работи. Тој беше голем мераклија за готвење, за скари, беше голем гурман, но самиот немал услови да се школува па кога јас завршив основно училиште, без да знам ништо за тоа, самиот ги спремил моите документи и ме запишал во средното угостителско училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија. Само ми соопшти: ‘Од 1 септември си во Гевгелија, те запишав во угостителско и ти најдов стан’. Јас бев во шок, сепак, требаше да се одвојам од моето семејство, да живеам сам, па не ми беше сеедно. Но со тек на време ми влезе љубовта кон готвењето, па освен месец дена пауза после завршувањето на угостителското училиште и оние четири месеци пауза пред да почнам да работам во Моклиште, не сум престанал да готвам веќе цели 20 години.

Син ми е толку голем мераклија за готвење што не му требаше никој да го насочува туку веднаш знаеше дека сака да биде готвач, па се запиша во истото училиште во кое завршив и јас. Готвењето му е веќе во крвта. Го носам со мене на натревари, по телевизии, насекаде и дефинитивно е сигурен дека сака да оди по овој пат. Така, додека ние двајца си готвиме, сопругата и ќерката одмараат“, се шегува шеф Горан.

Неговите последни успеси се на меѓународен натпревар во Турција, кадешто земал пехар и медал, на натпреварот со black box, а на последното издание на Гастромак минатата година, освоил прво место со македонската пица, направена само со домашни производи – домашен ајвар, мавровско сирење и гостиварска сланина.

„И дома, во исхраната употребуваме само домашни производи со оглед на тоа што во Сопот кадешто сѐ уште живее мајка ми (за жал, татко ми е починат), произведуваме сѐ од зеленчук. И во ресторанот се трудиме да користиме домашни, локални производи и ги комбинираме во нашето мени, но за жал не е можно сѐ да биде од домашно производство бидејќи производите на малите производители не се сѐ уште регулирани во законот“, објаснува шеф Филипов.

Иако подготвува врвни гастрономски креации, нему омилено јадење му е пастрмајлијата. И не е чудо, со оглед на тоа што и самиот е мајстор за тесто.

Горан признава дека има и идол, а тоа е славниот турски готвач Нусрет Гокче, попознат како „Салт беј“, кој има голема желба да го запознае. А ако вие сакате да го запознаете шеф Филипов, ќе го најдете во ресторанот Моклиште кадешто, освен што ќе ви го подготви и лично ќе ви го презентира јадењето, ќе можете да уживате и во најубавата природа во Тиквешијата.