Дали да ја јадеш или само да ја гледаш?

Кога ја видовме фокачата на Лидија Црвенковска, не бевме сигурни дали е подготвена за јадење или како дел од некоја изложба.

0
130

Фокачата е вид италијански тенок леб, за кој најкарактеристичен е вкусот на маслиновото масло. Одозгора можете да ставите разни билки – рузмарин, босилек, оригано, а можете да додадете и разновиден зеленчук – кромид, лук, домати, маслинки. И ако имате уметнички дух, можете да се обидете да направите нешто слично на оваа фокача. Ќе ви биде жал да ја исечете, ама тоа е.

Состојки:

500 г брашно
1 сув квасец
лажица шеќер
325мл вода
маслиново масло
сол

Состојките за украсување (маслинки, шери домати. босилек,…) нека бидат по ваш избор

Приготвување:

Измешајте го квасецот со шеќерот и млаката вода и оставете да отстои 10-15 минути за квасецот да се активира и да стане пенест на површината.
Во сад, измешајте брашно, сол, 2 лажици маслиново масло и водата со квасецот. Замесете го тестото.

Ставете го во сад, премачкајте го со малку маслиново масло за да не се формира кора, покријте го со чиста крпа и оставете го настрана додека тестото не се удвои (околу еден час).
Поросете го плехот со малку палента за да не се залепи фокачата и кората да биде крцкава. Месете го тестото, обликувајте го и префрлете го во плехот. Направете со прстите вдлабнатини во тестото. Поросете со маслиново масло, потоа украсете го по ваша желба. Оставете да отстои уште 30-45 минути.
Вклучете ја рерната на 200 степени. Пред печење, посолете го тестото со груба морска сол. Ставете ја во рерна 20-25 минути или додека не добие златно -жолта боја.
Извадете ја од рерната и прелијте со уште малку маслиново масло. Оставете да отстои 10-15 минути, потоа, можете да ја послужите.