Дали е здраво да се јаде пача?

Кај нас пача најчесто се прави од свински нозе затоа што се подостапни за продажба, но подобра варијанта е секако, говедскатата која се прави од говедски нозе. Имено, познато е дека говедскиот желатин е познат народен лек кој ги олеснува симптомите на остеоартритис и ревматоиден артритис, но има и други позитивни ефекти врз здравјето и врз убавината.

0
3489

Иако многумина не ја сакаат, пачата или како што уште ја знаеме, пифтијата, е дел од традиционалната зимска трпеза и како и многу други работи кои во минатото често биле дел од исхраната, и овој деликатес има свои здравствени придобивки.

Ова особено важи за говедската пача. Имено, познато е дека говедскиот желатин е познат народен лек кој ги олеснува симптомите на остеоартритис и ревматоиден артритис, но има и други позитивни ефекти врз здравјето и врз убавината.

На пример, корисен е за спречување на оштетувањата на цревата и јакнење на ѕидовите на дигестивниот тракт и на тој начин го спречува синдромот на „пропустливи црева“. Ги штити зглобовите, им помага на луѓето кои имаат проблем со спиењето, особено како последица од стрес, а со самото тоа што има голема количина колаген, желатинот може да го подобри изгледот на кожата, косата и ноктите. Помага за посилен систем за имунитет, ги зајакнува забите, ја намалува гладта.

Е сега, освен како лек и како средство за разубавување, за што најчесто се употребува оној желатин во прав кој може да се најде во продавниците, природниот желатин се користи при подготовка на специјалитетот кој е тема на овој текст – пифтијата.

Кај нас таа најчесто се прави од свински нозе затоа што се подостапни за продажба, но подобра варијанта е секако, говедската пифтија која се прави од говедски нозе.

Принципот е ист. Важно е да имате нозе добро измиени и исчистени и да ги ставите да се варат во најмалку 5 литри вода. Кога ќе зовријат, со лажица ја отстранувате пената што се формира на површината. Кога пената ќе исчезне, додадете црн пипер, ловоров лист, сол, магдонос и варете додека месото не се оддели од коските. Половина од водата треба да изврие. Со лажица извадете ја насобраната маснотија одозгора, извадете го месото и ставете го во садовите каде што планирате да ја истурите супата, а потоа истурете ја исцедената супа врз месото, додадете ситно исечен лук и поросете со мелен црн пипер.

Оставете ги садовите со пифтијата на ладно за да се стегне и можете да ја извадите на трпезата. Некои ставаат и исечени тркалца од варени јајца пред да ја истурат супата па кога течноста ќе се стегне ова делува многу декоративно.

Фото: Пинтерест